Мицотакис, нов лидер на грчката Нова демократија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мицотакис, нов лидер на грчката Нова демократија

Грчката конзервативна партија Нова демократија го избра Киријакос Мицотакис за нов лидер во надеж дека тој ќе и ја врати старата слава на партијата. Конзервативците се надеваат дека Мицотакис ќе му биде достоен ривал на премиерот и лидер на Сириза Алексис Ципрас кој останува популарен во земјата и покрај мерките за штедење.

Нова демократија бара начини како да заздрави од тешкиот изборен пораз во септември минатата година кога Грците повторно ја избраа Сириза на Алексис Ципрас иако тој воведе контрола на банкарските сметки и се договори за трет финансиски пакет за помош на Грција со странските кредитори.

Тоа пак беше условено со строги мерки на штедење и тешки реформи.

47 годишниот реформистички пратеник и подмладок на едно од највлијателните грчки семејства се очекува да врши голем притисок врз 41 годишниот Ципрас за време на важното гласање во парламентот за реформите во пензискиот систем.

Всушност тоа е клучен дел од програмата на странските кредитори за добивање на финансиската помош.

Киријакос Мицотакис во трката за нов лидер на Нова демократија влезе како втор по првата рунда на партиското гласање што се одржа на 20 декември кога за таа функција се пријавија четворица кандидати.

Нова демократија нема само да биде обединета, туку и обновена. Новата проширена партија на десниот центар ќе биде способна да претставува алтернатива и да понуди нов план за излез на земјата од кризата.
Киријакос Мицотакис

Пред него беше Вангелис Меимаракис, но на изјаснувањето во неделата тој не добил мнозинство од гласовите.

„Нова демократија нема само да биде обединета, туку и обновена. Новата проширена партија на десниот центар ќе биде способна да претставува алтернатива и да понуди нов план за излез на земјата од кризата“, изјави Мицотакис.

Нова демократија владееше во Грција од 2004 до 2009 година но почна да ја губи популарноста за време на должничката криза.

Партијата ги загуби изборите во минатиот јануари кога за прв пат на власт дојде Ципрас. Мицотакис е поранешен банкар и жесток критичар против синдикалното здружување.

Тој за Ципрас изјави дека бил „лажго“, но исто така, навести дека би можел да соработува со него за националните прашања под одредени услови.

Неговиот татко Константин Мицотакис беше премиер од 1990 до 1993, а неговата сестра Дора Бакојани, министер за надворешни работи од 2006 до 2009 година.

Политичкиот ветеран Меимаракис привремено го презеде раководењето со партијата во јули од поранешниот премиер Андонис Самарас кој се повлече како одговор на силното „не“ на референдумот за условите за третата меѓународна финансиска помош за Грција.

Нова демократија првично се противеше на меѓународната финансиска помош на земјата.

Но, по победата на парламентарните избори во 2012 година и формирањето коалиција со социјалистите на ПАСОК, ги донесе непопуларните мерки за штедење, барани од меѓународните кредитори.