Селмани – Власта сака на избори со излажани граѓани

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Селмани – Власта сака граѓаните да гласаат врз основа на извртени информации

Сега во овие медиуми не се презентираат информации, се презентираат извртени информации, спинови, извртувања, подметнувања, црна кампања и граѓаните тоа ќе имаат можност да го слушаат и врз основа на тие, под наводници информации, ќе донесат одлука и тоа е целта на владејачката гарнитура, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Селмани, преговорите за медиумите како да заглавија во ќор-сокак. Може ли набрзо да очекуваме квалитетно решение?

Прво, ние не знаеме дали воопшто преговорите за медиумите ќе продолжат. Јас, да бидам искрен, очекував ваков однос од власта, затоа што мислам дека на нив медиумите им се поважен инструмент во одржувањето на власта, отколку да речеме обвинителот или откажувањето од неколку министерски места, затоа што системот на владеење на оваа владејачка гарнитура е таков што без медиуми тие не би можеле да ја продадат приказната во којашто ја убедуваат македонската јавност. Прво, сакам да кажам што се случува во преговорите. Мислам дека преговорите се блокирани по вина на владејачките партии. Чудно е што ДУИ на почеток ги поддржуваше предлозите на господинот Ван Хојте, а во меѓувреме се откажаа и сега застануваат на страна на ВМРО-ДПМНЕ, коишто практично предлагаат ништо да не се смени. Веројатно тоа се односи меѓу коалиционите партнери и ние можеме само да претпоставуваме што стои зад премислувањето на ДУИ да се откаже од поддршката на ставовите на Ван Хојте. Веројатно се работи за притисоци, закани, уцени, само тие знаат, меѓутоа битно е што сега во преговорите имаме таква позиција што опозицијата ги поддржува ставовите на господинот Ван Хојте, додека власта силно се спротивставува. Дали може да очекуваме квалитетно решение? Јас мислам дека меѓународната заедница, како еден од гаранторите, треба прво да најде начин да ги деблокира тие процеси и веројатно ќе биде потребен поголем притисок и од американската администрација и од Европската комисија да ги натера практично владејачките партии, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, да се откажат од тие позиции. Навистина, тие решенија коишто се понудени ги инкорпорираат барањата на новинарската заедница, медиумската заедница и на медиумите. Значи, неговите предлози не се негови предлози, тоа е компилација од предлозите од сите чинители во општеството и мислам дека ако тие предлози бидат прифатени, ние целосно ќе одговориме на забелешките на последниот извештај од Европската комисија.

Во ваква ситуација кога опозицијата ги прифаќа предлозите на Ван Хојте, а ВМРО-ДПМНЕ ги оценува како хибридни и не ги прифаќа, каков е реално излезот, во практична смисла, од ваквата ситуација?

Веројатно ВМРО-ДПМНЕ му врши притисок на Ван Хојте да се откаже од клучните негови предлози. Мислам дека тоа нема да се случи, зашто меѓународната заедница сфаќа дека без деполитизација и департизација на медиумскиот систем ние немаме услови за фер избори. Ако одиме на избори со вакви медиуми, вие гледате во каква црна кампања се влезени медиумите, и вие мислите дека граѓаните ќе имаат можност да се информираат за тоа која партија што нуди, кои се решенијата што ги нудат за изборите? Практично луѓето ќе бидат уште повеќе збунети за понудата што им е на маса и мислам дека токму тоа е целта на власта. Тие не сакат да ги убедат луѓето во тоа што го зборуваат, туку ако може некого уште повеќе да го збунат, подобро за нив и тие што се неопределени да не излезат на гласање. Јас мислам дека оваа власт, без жесток притисок од меѓународната заедница, нема да прифати системски решенија за промени во медиумскиот систем. Сега во овие медиумите не се презентираат информации, се презентираат извртени информации, спинови, извртувања, подметнувања, црна кампања и граѓаните тоа ќе имаат можност да го слушаат и врз основа на тие, под наводници информации, ќе донесат одлука и тоа е целта на владејачката гарнитура.

Целото интервју со претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, може да го погледнете во видеото на почетокот на овој текст.