Втора јавна дебата на тема „Примената на индискиот коноп и канабиноидите во медицински цели“ се одржа денеска во организација на Агенцијата за лекови и медицински средства во соработка со Министерството за здравство.
Учесниците на дебатата дискутирааа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во насока на легална и контролирана употреба на производи од канабис за медицински цели во Македонија.
Според Предлог-законот, канабисот ќе може да се произведува и користи само во Македонија. Ќе може да го произведуваат само правни лица.
Законот предвидува на пазарот да се најдат три типа на производи и тоа масло од коноп кое во себе содржи не повеќе од 0,2 отсто TХЦ, масло за медицински цели кое ќе има поголем процент од 0,2 отсто на TХЦ, а третата група препарати кои ќе се најдат се препарати кои се веќе регистрирани на база на коноп и се на пазарот во Европа.
Невладините организации побараа поголема вклученост во носењето на Законот.
Се очекува процедурата околу легализацијата на канабисот за медицински цели да трае околу два месеца по што треба да стапи во сила Законот и во февруари да почне неговата имплементација.