Барем да се знае за што се трошат позајмените пари

Кире Наумов не може да спречи, но може да каже за што се трошат парите. Министерството за финансии вчера се задолжи за нови 5,6 милиони евра, наспроти планираните 488 илјади евра.

Дополнителниот заменик министер за финансии од СДСМ, Кире Наумов не може да спречи владејачката гарнитура да менаџира со парите како што наумила, но може да им овозможи на граѓаните да видат за што се трошат нивните пари, велат аналитичарите.

И да не може да спречи, го охрабрувам што е можно повеќе да ни дава информации каде и на кој начин се трошат тие пари, особено задолжувањата, затоа што актуелниот министер се задолжува веќе, очигледно е, во името на неродените наши деца и внуци.
Зоран Витанов, економски аналитичар и поранешниот заменик министер за економија.

Вчера Министерството за финансии преку аукција на државни записи и обврзници се задолжи за нови 5,6 милиони евра, наспроти планираните 488 илјади евра. Ова е трето задолжување за еден месец. На почетокот на месецот се задолжи на домашен пазар за 73 милиони евра, а планираше да се задолжи 100 милиони евра. На ваквите планови им застана на патот заменик министерот за финансии од СДСМ Кире Наумов кој се обиде да стави вето на новото задолжување, но ДИК го одби неговото вето. Претходно по негова интервенција, државата со еврообврзница се задолжи за 270 милиони евра во странство, наместо за планираните 500 милиони евра.

Економскиот аналитичар и поранешниот заменик министер за економија Зоран Витанов вели дека дополнителниот заменик министер треба да обезбеди транспарентност, оти очигледно дека оваа влада е нетранспарентна при користењето на буџетот. Најголем дел од овие задолжувања беа потрошени за враќање на старите долгови, додека останатите се за редовно трошење на буџетот.

„Самото криење на начинот на кој се кријат парите е криминал, дури и на најчесен начин да го кријат. Самото тоа што не кажуваат каде е акт на пресумпција на нечесност. Во опис и попис на задачи на заменик министерот тој е еднаков на министерот, но тој е спречен, но морална негова задача сега е да ни обезбеди транспарентност. И да не може да спречи, го охрабрувам што е можно повеќе да ни дава информации каде и на кој начин се трошат тие пари, особено задолжувањата, затоа што актуелниот министер се задолжува веќе, очигледно е, во името на неродените наши деца и внуци“, вели Витанов.

Поради одлуката на ДИК, СДСМ ќе поднесе тужба до Управниот суд. Комисијата на која и беше истечен мандатот во исчекување на нов состав, одлучи дека задолжувањата на домашен пазар не влијаат на изборниот процес. СДСМ соопшти дека ќе ги искористи сите механизми за да спречи изборна корупција и злоупотреба на парите на граѓаните. На нивното соопштение реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека опозициската партија се обидува да им наштети на пензионерите, образовните и здравствените работници, полицијата и војската. Од владејачката партија велат дека аукциите биле планирани уште една година кога не се знаело дека ќе има избори.

Вчера беше комплетиран новиот состав на ДИК. Според Законот за влада комисијата ќе одлучува во случај на судир меѓу министерот и дополнителниот заменик-министер околу ветото поврзано со изборни прашања.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели владата не ќе може да се задолжува без да знае дополнителниот заменик министер, иако им успее пред некое време со помош на ДИК да го спречат ветото, но дека тоа не може да се случува постојано.

„Да прекине задолжувањето, да се нормализира состојбата во Македонија со менаџирањето на финансиите, да стане транспарентно, а со тоа всушност не ќе може да финансираат активности, ако се прекине со таа практика. тие не ќе може да финансираат во предизборната кампања за намени кои значат поткуп на избирачите“, вели Хајредини.