Медиумите - најголем партиски интерес

Медиумите им се најбитни на партиите во обидот да неметнат јавно мислење. Тие се најголем проблем, но за секој проблем има решение, ако се „помогне“ од страна.

Тоа што се уште не може да се најде решение за медиумите покажува колку на партиите тие им се важни во обидот да го наметнат или креираат јавното мислење, коментираат експертите откако и вчера на средбата на лидерите на четирите партии тие се договорија само за составот на Државната изборна комисија, а медиумите ги оставија за решавање периодов.

Ние имаме една целосно не избалансирана ситуација сега во јавната сфера и мислам дека тоа не може да овозможи фер пристап на сите политички субјекти во предизборието.
Жанета Трпевска, професор.

Професорката Снежана Трпевска од Високата школа за новинарство и односи со јавноста смета дека во случајот со медиумите повеќе станувало збор за отпор од владејачките партии да направат отстапки во таа сфера.

„Ние имаме една целосно не избалансирана ситуација сега во јавната сфера и мислам дека тоа не може да овозможи фер пристап на сите политички субјекти во предизборието. Значи нема време во овој период да се случи некаква промена за граѓаните да добиваат реални и непристрасни информации и да немаме илузии во поглед на тоа“, вели Трпевска.

Рокот кој го нема во договорот од Пржино туку во јавноста се споменуваше од партиските претставници е надминат неколкупати. По првичните најави дека прашањето ќе се затвори до 15 октомври, па потоа до 20 ноември , до средината на декември се уште нема решение. Законот за медиуми, Агенцијата за аудиовизуелни услуги, јавниот сервис, прашањата поврзани со канцеларијата на народниот правобранител, Државна антикорупциска комисија и законот за клевета се дел од работите кои како што нагласи и по вчерашната средба посредникот Питер Ванхауте треба да се завршат во скоро време. Но сепак тој додаде дека краен рок за договор за медиумите нема, но оти се надева оти нештата ќе се решаваат што е можно поскоро. И според аналитичарот Алберт Муслиу медиумите се едно од по битните прашања за партиите што се однесува до изборниот процес и како и за се друго што во договорот од Пржино немаше конкретен рок ќе се одолговлекува колку што може .

„Ако ДИК беше административниот дел за изборите, медиумите се тие кои го создаваат јавното мислење, така што мислам дека за сите страни, особено тука мислам на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се најбитна тема и мислам дека тука ќе се кршат копјата. Но секако ќе бидеме подложни на тоа развлекување и одолговлекување, но на крај ќе мора тоа да се договори“, вели Муслиу.

Големите несогласувања меѓу партиските претставници во работната група се јавија по предлог за законски измени кои ги презентираше Ванхауте пред две недели. За СДСМ тие се прифатливи но ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека законот него го немало во ниту една европска земја, дека е хибриден и дека нема да дозволеле Македонија да станела експеримент.