Русија и САД со заедничка акција за Сирија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Русија и САД со заедничка акција за Сирија

Русија и Соединетите држави најдоа доволно заеднички јазик со цел светските сили в петок да се сретнат во Њујорк за да разговараат за мировниот процес во Сирија. Сепак, двете страни и натаму без поместување околу различните нивни ставови за судбината на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Меѓународниот состанок за Сирија во Њујорк ќе биде на ниво на министри за надворешни работи, објавија шефовите на дипломатиите на Русија и на Соединетите држави Сергеј Лавров и Џон Кери по нивниот состанок во Москва со рускиот претседател Владимир Путин.

До сега Москва не сакаше да потврди дали ќе учествува на тој состанок кој спаѓа во таканаречениот Виенски процес составен од 17 земји.

„Ја поддржуваме идејата в петок во Њујорк да се одржи уште еден состанок на меѓународната група за поддршка на Сирија и се надеваме дека врз основа на состанокот ќе можеме да му предложиме на Советот за безбедност на ОН нацрт резолуција за потврда на принципите од Виена“, изјави Лавров.

Со овие принципи се предвидува во почетокот на јануари да се одржи состанок меѓу опозицијата и властите во Сирија, формирање транзициска влада за шест месеци и одржување избори за 18 месеци.

Ја поддржуваме идејата в петок во Њујорк да се одржи уште еден состанок на меѓународната група за поддршка на Сирија и се надеваме дека врз основа на состанокот ќе можеме да му предложиме на Советот за безбедност на ОН нацрт резолуција за потврда на принципите од Виена.
Сергеј Лавров, шеф на руската дипломатија

Џон Кери се согласи со оценката на Лавров дека по овие разговори во Москва, Русија и Соединетите држави се движат на ист пат во Сирија и оти од тоа меѓународната заедница ќе има корист.

Притоа тој потенцира дека станало збор и за загриженоста на Вашингтон од тоа што руските воздушни напади биле насочени не само против милитантите на Исламската држава туку и против умерената сириска опозиција.

Русија која е еден од најверните сојузници на сирискиот претседател Башар ал Асад не се согласува со западните ставови во врска со неговата иднина. Вашингтон инсистира Асад да замине од власт.

„Соединетите држави и нашите партнери не бараат таканаречена промена на режимот во Сирија. Она што го велиме е дека ние не веруваме оти самиот Асад е способен да ја води Сирија во иднина. Но знаете, денеска не се фокусиравме врз нашите разлики околу Асад, туку врз политичкиот процес“, рече Кери.

Соединетите држави и нашите партнери не бараат таканаречена промена на режимот во Сирија. Она што го велиме е дека ние не веруваме оти самиот Асад е способен да ја води Сирија во иднина. Но знаете, денеска не се фокусиравме врз нашите разлики околу Асад, туку врз политичкиот процес.
Џон Кери, американски државен секретар

Тој додаде дека во Москва била поставена основа за целосен прекин на огнот што е можно поскоро и за тоа кои бунтовнички сили во Сирија треба да се сметаат за терористички, а кои да бидат вклучени во мировниот процес.

Пред разговорите руското Министерство за надворешни работи издаде соопштение наведувајќи дека Вашингтон треба да ја преразгледа својата политика на, како што се наведува „делење на терористите на добри и лоши“.

На разговорите во Москва се разговарало и за ситуацијата во Украина и за спроведување на мировниот договор постигнат во Минск во февруари годинава.

Кери во Москва разговараше со Путин околу три часа, откако претходно исто толку време разговараше и со неговиот руски колега Лавров.