Системот за откривање и спречување на перење на пари, финансиските институции, Народната банка која се грижи за сите трансфери во и од државата, даночните инспекции, ревизиите, целиот систем треба да функционира за да се оневозможи изнесување на пари од државата.
Во тие години ни се случуваше Скопје 2014 на пример, огромни фактури, начини и можности на изнесување на пари и други состојби коишто може да се поврзуваат меѓусебно.Слаѓана Тасева, Транспаренси интернејшнал Македонија.
„Ние системот го имаме, имаме сè што треба, имаме закони, имаме институции, проблемот е што тие институции не си ја работат работата како што треба“, вели професор Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернејшнал – Македонија.
Од Македонија за девет години(од 2004 до 2013) незаконски се изнесени повеќе од 5 милијарди долари, објави организацијата Глобал фајненс интегрити од Вашингтон во својот извештај. Речиси 97 проценти од овие пари од Македонија излегле преку лажни фактури. Според Организацијата, просечно од државата се одлевале по 516 милиони долари годишно, а најголем одлив на пари имало во 2008-та кога од државата се изнесени 928 милиони долари и во 2011 кога се изнесени 834 милиони долари. Овие години се и изборни години.
„Ако вие ги имате 2008 и 2011 како години во кои се изнесени најголемите суми, а еве последната година се 200 милиони долари, значи нешто се случило, некакви реакции се случиле или контролата се можеби разбудила. Но, што ни се случуваше во тие години, во тие години ни се случуваше Скопје 2014 на пример, огромни фактури, начини и можности на изнесување на пари и други состојби коишто може да се поврзуваат меѓусебно, да се создаваат хипотези и тие понатаму да се анализираат и да се истражуваат“, вели професор Слаѓана Тасева.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Дел од експертите посочуваат дека испраните пари во даночните раеви подоцна се враќаат во земјава како наводни странски инвестиции. Имено, освен големите западноевропски земји, едни од најголемите инвеститори во Македонија се токму ваквите држави - Британски Девствени Острови и Свети Винцент и Гренадини. Тоа се и земји кои немаат обврска да кажат кој е сопственик на сметката или на фирмата. Но, меѓународните правила се менуваат, вели Тасева.
„Веќе се бара од државите да донесат акти со кои ќе биде задолжително да се знае кој е вистинскиот сопственик на компанијата која е регистрирана или на сметката во една банка, да не постојат прикривачки компании. Ние тоа што го видовме во Панама дека постојат имиња и на наши луѓе или тоа што гледаме на сајтот на Народна банка дека има луѓе кои инвеститраат од тие офшор зони, тоа се под претпоставка наши пари, тоа сега понатаму нема да биде претпоставка, туку тие податоци мора да бидат објавени во јавен регистер“, вели таа“, вели Тасева.
Овој извештај го опфаќа периодот до 2013, а во меѓувреме во државата имаме политичка криза. Тасева вели дека кризата може да влијае на забрзување на процесите на извлекување на средствата кои не успеале да се изнесат и да се направи нешто што ќе го оневозможи понатаму откривањето.
Специјалниот обвинител Катица Јанева по стапувањето на функцијата најави дека ќе се обиде да ги врти во државата парите за кои постои сомневање дека се украдени.
„Мислам дека има многу добри основи од каде да почне со тие активности, да ги следи трагите на парите и мислам дека постои желба тоа може да се направи и тоа нема да наиде на проблем во олеснување на меѓународната соработка во овој тип на истраги и олеснување на враќањето на средствата од државите во кои биле изнесени“, вели Тасева.
Глобал фајненс интегрити својот извештај го базира на анализа на податоци од Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка, како и податоци од институции кои се борат против корупцијата и криминалот.