Блокада на Ректоратот, багерите работат

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Студенти протестираат, багерите си работат

Студенти го блокираа Ректоратот на УКИМ револтирани од сечењето дрвја и градењето нови факултети во дворот на УКИМ. Велат дека одлуката за тоа е донесена нетранспарентно. Бараат оставка од ректорот оти не ја заштитил автономијата на Универзитетот.

Околу дваесетина студенти од Студентски пленум и Младинската организација „Мугра“ утринава го блокираа влезот на Ректоратот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Револтирани поради исечените дрвја во саботата тие бараат веднаш да биде запрена почната изградбата на факултетите за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и за физичка култура (ФФОСЗ), како и оставка на Ректорот на Универзитетот, Велимир Стојковски, поради, како што велат, немањето на капацитет да застане во одбрана на универзитетската автономија загарантирана со Уставот и на интересите на академската заедница.

Планираме да го блокираме влезот на Ректоратот во неговото работно време се додека изградбата на објектите не биде запрена или додека ректорот Велимир Стојковски не сноси одговорност.
Студентскиот пленум.

„Планираме да го блокираме влезот на Ректоратот во неговото работно време се додека изградбата на објектите не биде запрена или додека ректорот Велимир Стојковски не сноси одговорност поради тоа што ваквата одлука, според тоа што го знаеме од професорите, беше донесена на нетранспарентен начин. Ние не сме против изградба на нови факултети, ние сме против изградба на објекти коишто немаат урбанистиччка смисла и коишто ќе го блокираат веќе едвај функционалниот комплекс на факултетите“, рече претставник на Студентскиот пленум.

Студентите бараат деканите на Правниот, Економскиот, Филозофскиот, Филолошкиот и Архитектонскиот факултет итно да излезат со став за ситуацијата, но и да биде свикана вонредна, јавна и транспарентна седница на Сенатот при УКИМ.

Додека Студентите го блокираа влезот на Ректоратот, багерите веќе го расчистува теренот каде треба да бидат изградени новите факултетски згради. Во меѓувреме студентите имаа средба со проректорот Владимир Петрушевски каде било констатирано дека единствено ректорот бил одговорен за исполнување на нивните барања.

„Се додека најпрвин ректорот не прати допис, бидејќи е надвор од земјата и не го спречи моменталното градење објекти на територијата на УКИМ, блокадата односно спречувањето на работата на ректоратот ќе продолжи“, вели студентот Владо Данилов.

Студентите нагласија дека ја разбираат ургентната потреба од соодветни просторни капацитети за обезбедување на достоинствени услови за студирање на нивните колеги, но дека треба се најде соодветно решение за проблемот кое нема да ја наруши автонимијата на Универзитетот.

Во дворот на УКУМ дојдоа и група подржувачи на изградбата на нови објекти, кои засадија неколку дрвца, а присутна беше и полиција.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

УКИМ: Едни протестираат, други садат, полиција надгледува

Со полициско обезбедување и помош од „Македонски шуми“ десетина студенти од ФИНКИ предводени од деканот Иван Чорбев во дворот на кампусот на УКИМ засадија неколку дрвја. Според деканот Чорбев, изградбата на тие две згради е неопходна за подобрување на условите за студентите.

Студентите од Студенскиот пленум и невладината младинска организација Мугра, кои денеска го блокираа влезот на Ректоратот, ги повикуваа своите колеги од ФИНКИ и Факултетот за физичка култура на разговор, бидејќи, како што велат, тие не се против градењето на факултети, туку против начинот на кој тоа се прави и каде тоа се прави.

Студентите од ФИНКИ, пак, велат дека нивниот потег не претставува контрапротест, туку солидарност за, како што изјавија, загубата на 47-те садници кои беа исечени во кампусот на УКИМ на локацијата која сега е оградена со тараби и на која е предвидена изградба на двете барокни згради. Тие додаваа дека нивните факултети се во очајна состојба, но пред медиумите не покажаа интерес за разговор и надминување на недоразбирањата со нивните колеги.