Со кој функционер, криминал, корупција или злоупотреба прво ќе се зафати Специјалното јавно обвинителство ќе биде обелоденето во четврток. Тогаш и ќе се знае по кои предмети прво ќе се постапува, писмено ни одговорија од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконски следените комуникации (Специјално јавно обвинителство).
Законот за јавно обвинителска служба е неопходен за работа на обвинителството. Ова од причина што со него се уредува начинот на вработување и статусот на стручниот, истражителски и административен кадар во обвинителството. Без овој закон функционирањето на обвинителството ќе биде значително отежнато.Писмен одговор од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконски следените комуникации.
Вчера од Специјалното обвинителството информираа дека на нивно барање Јавното обвинителство им доставило податоци и информации за предметите кои произлегле од прислушуваните разговори, како и информации за тоа што досега е преземено по тие предмети. Во работниот план на Специјалната обвинителка Катица Јанева е наведено дека првите одлуки ќе бидат донесени од средината на декември до крајот на март.
Специјалното Јавно обвинителство преку соопштение вчера информираше дека во соработка со Министерството за правда изготвиле предлог закон за јавна обвинителства служба. Од Обвинителство денеска ни одговорија дека Законот за јавно обвинителска служба е неопходен за работа на обвинителството.
„Ова од причина што со него се уредува начинот на вработување и статусот на стручниот, истражителски и административен кадар во обвинителството. Без овој закон функционирањето на обвинителството ќе биде значително отежнато од причина што стручниот, истражниот и административниот кадар имаат значајна улога за непречено извршување на работите“, се наведува во одговорот од Специјалното јавно обвинителство.
Предлог законот бил доставен до Владата, а предлагач е Министерството за правда. Од Специјалното јавно обвинителство очекуваат тој да биде ставен на дневен ред на првата седница на Владата, по што во итна постапка ќе биде ставен на дневен ред и во Собранието. Очекуваат и негова целосна имплементација.
Опструкција на Специјалното обвинитество е опструкција на „Пржино“
Имајќи ги предвид досегашните искуства кога работата на Специјалното обвинителство беше опструирана со изборот на тимот и усвојувањето на работниот план, односно на буџетот на Обвинителството, се поставува прашањето дали се можни опструкции при носењето и на предлог законот за обвинителска служба.
Професор Осман Кадриу вели надлежноста, статусот, правата и обврските на Специјалното обвинителство произлегуваат од Законот со кој беше формирано тоа обвинителство и тој е убеден дека Обвинителството може да работи според тој закон и да ги процесуира предметите за кои е надлежно. Законот што се предлага, вели Кадриу, ќе има влијание врз организационата поставеност и условите за работа, но дека нема да биде суштествена правна пречка за работата на Обвинителството.
„Ако се настојува и ако заднината зад новиот закон е некаква опструкција и да се блокира на некој начин работата на Обвинителството, тоа ќе биде многу штетно, затоа што ако се предвидуваат некои дополнителни услови, дополнителни варијанти или правно- релевантни околности за да може да се почне со постапката, со обвиненијата, тогаш без сомнение тоа ќе биде уште еден доказ, уште еден показател дека од страна на власте ќе се настојува да се измислуваат секакви видови на барикади за да може да се блокира работата на обвинителството.
А со блокада на работата на Обвинителството во вода паѓа и договорот од Пржино, а со тоа кризата само ќе се продлабочи, додава Кадриу.
„Односите и состојбите кои ќе настанат засега се несогледливи, но последиците без секое сомнение ќе бидат многу штетни за државата и за граѓаните“, вели кадриу.
Јавното обвинителство претходно информирање дека на барање на специјалната обвинителка ги доставиле бараните податоци и информации за вкупно 35 предмети. Во нивното опширно соопштение меѓудругото беше наведено дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отворило истрага за три предмети за кои СДСМ поднеле пријави, односно за опремата од Израел, земјиштето на Водно и незаконското прислушување. Како и тоа дека во Основното јавно обвинителство – Скопје се оформени 30 предмети што произлегуваат од содржината на прислушуваните разговори. Еден предмет од така наречените бомби е покренат и во Битола, а уште еден во Обвинителството во Куманово, но бил отфрлен, па сега предметот е во Вишото јавно обвинителство. Меѓу овие предмети се случајот Космос, апсењето на Љубе Бошкоски, изборните манипулации, злоупотреба на службена должност и други овластувања.