Нашата главна цел е да се намали протокот на бегалците, а не само да се олесни нивниот транзит, изјави денеска претседателот на Европскиот совет Доналд Туск по средбата во Скопје со претседателот Ѓорѓе Иванов. Туск посочи дека Македонија ќе добие финансиска, техничка, и хуманитарна помош откако ќе ги достави процените за потребите во справувањето со бегалската криза.
„Доколку сме сериозни и сакаме да го задржиме Шенген и патувањето без визи, тогаш мора да бидеме и сериозни и да им помогнеме на земјите кои се на првата линија како што е вашата,“ рече Туск.
Тој нагласи дека секоја земја има право и обврска да ја штити својата граница, а за ефикасно менаџирање на кризата, нагласи од витална важност е сите земји од рутата да соработуваат и да има ефикасна координација меѓу нив.
Претседателот Иванов изјави дека Македонија, како дел од балканската рута, ги сноси последиците од нефункционалниот механизам на Унијата за распоредување на бегалците во земјите-членки со т.н., неспроведување на регистрација на бегалци и мигранти во земја-членка на Унијата и носење на еднострани национални одлуки во земји-членки на Унијата кои го ограничија протокот на лицата без претходно да не информираат. Тој укажа и дека и покрај ветувањата, земјата се уште нема добиено помош од ЕУ за справување со миграциската криза.
„ И покрај ветувањата, Македонија нема добиено никаква финансиска и техничка помош од Европската Унија, во однос на мигрантската и бегалска криза. Иако баравме од Унијата и опрема за регистрација на мигрантите и бегалците и опрема за надзор над државната граница, не добивме ништо. Македонија ги троши сопствените буџетски средства за менаџирање на оваа криза. Само за потреби на безбедносните служби досега сме потрошиле повеќе од 10 милиони евра. Се соочуваме со недостиг од материјални, кадровски и технички капацитети, да одговориме на заканите и ризиците по националната безбедност, рече Иванов.
Пред Македонија,Туск ги посети Србија и Албанија, а по Скопје неговата турнеја низ регионот ќе ги опфати и Босна и Хрватска.