Повеќе од сто слободни локации каде може да се инвестира, мапирал Центарот за развој на Југозападниот плански регион во овој дел на Македонија. Можностите кои ги нудат деветте општини се многу малку или воопшто не се искористени. Со софтверската апликација за инвестициските потенцијали на Југозападниот плански регион на сите домашни и странски инвеститори ќе им се овозможи да имаат информации за слободните локации за градба.
Има конкретни инвеститори кои се заинтересирани на пример за Центар Жупа. Ова е првиот чекор кој ние го правиме се со цел тие да не доаѓаат специјално за да ги видат локациите, туку тоа да го направат преку широката мрежа на интернет.Стојан Савески, проект координатор во Центарот за развој на југозападниот плански регион.
„Има конкретни инвеститори кои се заинтересирани на пример за Центар Жупа. Ова е првиот чекор кој ние го правиме се со цел тие да не доаѓаат специјално за да ги видат локациите, туку тоа да го направат преку широката мрежа на интернет. Ќе ги имаат првичните информации што се однесува до катастарската парцела, нејзината намена, дали има имотно правни проблеми или е чиста локација.“
РСЕ: Има ли многу локации кои не се искористени?
„Да зачудувачки е. Има голем број на локации кои постојат во целиот регион“, рече Стојан Савески проект координатор во Центарот за развој на југозападниот плански регион.
Мирјана Лозаноска директор на Центарот за развој на Југозападниот плански регион рече дека и во овој дел на Македонија има одлив на луѓе и кадри.
„Знаете дека општата состојба е таква што имаме одлив од државата, а Охрид е посочен како град со најголем одлив на млади и стручни кадри. Исто така имаме како недоволна развиеност особено на руралните средини и од таму имаме миграции село град, а голем дел мигрираат за подобро работно место во Скопје. Затоа сите проектни активности се насочени да се запре тој одлив на луѓе и кадри, да заживее таа локална економија и во тие помали средини, да се обезбедат услови за развој во сите средини на ниво на регионот. Тоа не значи дека тоа преку ноќ се реализира“, вели Лозаноска.
Лозаноска вели дека регионот располага со доста атрактивни локации кои од туристички аспект би биле интересни за странските гости и сето тоа треба да се искористи. Во деветте општини од овој регион има вкупно 286 населени места.