Доколку состојбата со протокот на мигранти добие тренд на намалување во другите земји, Советот за безбедност заклучи АРМ и Управувачкиот комитет, како крајна мерка да може да преземат и поставување на барикада со жица на местата на кои ќе се оцени дека е потребно, се наведува во еден од заклучоците на советот што за доцна синоќа го свика претседателот Ѓорге Иванов. Во соопштението од неговиот кабинет се наведува и дека советот ја задолжил армијата веднаш да ги започне сите подготовки и активности за расчистување и подготовка на теренот за евентуално и можно поставување ограда.
“Советот за безбедност потенцира дека поставувањето на оградата не би било во насока на затворање на границата, туку за канализирање и ограничување на протокот, во согласност со бројот на мигранти што ќе го прифатат државите во Европа кон кои тие се упатуваат” пишува во соопштението.
Ваквиот чекор засега е само можност и би се преземал во крајна нужда, односно само доколку земјите кон кои се упатуваат мигрантите значително го намалат протокот и на тој начин Република Македонија биде доведена во ситуација да се соочи со предизвикот за подолг престој на неконтролирана бројка на мигранти за која нема капацитет и можност да даде хуман третман, се нагласува во заклучоците од советот.
На седницата до која дојде по терористичките напади во Париз покрај Иванов присуствуваа и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, министрите за одбрана и за внатрешни работи, Зоран Јолевски и Оливер Спасовски, како и членовите на Советот Вели Креци, Фљора Кадриу и Насер Сејдини. Иванов повика и повеќе раководители на надлежни служби поврзани со безбедноста.
Тие реферирале за сите предизвици и потенцијални закани со кои се соочува регионот, како и мерките што македонските институции, во соработка со партнерските служби ги преземаат за нивно спречување.