Како преку зборовите бегалецот станува „терорист“

Соња Стојадиновиќ, политиколог.

Со еден збор, бегалците кои спасуваа голи животи, стануваа терористи или потенцијални терористи, а со тоа македонските државјани потенцијални жртви, пишува политикологот Соња Стојадиновиќ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Трагедијата на бегалците кои транзитираат низ Македонија може да биде гледана од повеќе аспекти. Различноста на аспектите доведува до различни видувања на целата ситуација, со различни теории, претпоставки, лаги и вистини. Најголемите извори за поддршка на вистината и лагата во врска со бегалците се медиумите. Тие се оние кои буквално не затрупуваат со информации, слики, теории, претпоставки, дури и лаги, во зависност од каде доаѓаат финансиите за тој медиум. Диверзитетот на медиумската покриеност и ставот кој секој медиум го зазема во поглед на темата која ја обработува, варира и од квалитетот со кој располага медиумот. Ако имаме квази новинарчиња, полуписмени владини мегафони со камери во рака и тастатура под прстите, ќе добиеме и таква информација. Квази, полуписмена и си огромна доза на ксенофобија, лаги, теории без основа кои имаат само една цел: да шират страв. Професионалниот пристап од друга страна, донесува објективни информации од теренот, реална слика и простор за публиката да донесе свои заклучоци.

Потпомогнато од медиумите, лицемерието го достигнува врвот. На тој начин дури и невиното бебе родено по пат, преку прст кој е вперен во него пред камера, лесно станува терорист.

Различност во квалитетот на покриеноста на една тема, посебно бегалската криза, ја покажа и различноста на македонските медиуми. Додека владините мегафони го ширеа стравот дека државата ќе стане мета на исламскиот радикализам и ќе ни се наполни со фундаменталисти, професионалните медиуми, барем тие што успеаја да останат професионални, реално известуваа од теренот, уредно вршејќи си ја работата. Со еден збор, бегалците кои спасуваа голи животи, стануваа терористи или потенцијални терористи, а со тоа македонските државјани потенцијални жртви. Ја наметнуваа теоријата дека помеѓу нив има скриени терористи бидејќи освен семејства со деца, помеѓу бегалците има млади мажи до 30 години старост кои се воено способни, а на секој ксенофоб и непрофесионален новинар му личат на терористи. Тие луѓе избегале за да не бидат присилно мобилизирани и нивните пол и старост не даваат основа за сомнеж дека се терористи.

Следниот дел од пропагандата која ја ширеа владините мегафони беше и се уште е дека ако бегалците останат тука, ќе бидат потенцијална опасност за работните места и за економијата. Како да нашата економија цвета и ние немаме невработени, па тие ќе дојдат и ќе ни ја земат работата. Една од причините поради која сиријските бегалци не останале во Либан и Турција туку одат во Германија е фактот дека во Либан и Турција не можат да се вработат, а во Германија можат. Плус таму влегуваат во систем на општествена интеграција, нешто што во Македонија е мисловна именка.

Пропагандната машинерија и субјективното известување не се новост и нешто на кое медиумите се отпорни. Ваква ксенофобична кампања шират и западните медиуми, и кај нив постои различност во пристапот и пласирање на информациите и поделеност околу аспектот на гледање на бегалската криза. Неколку пати хистерично повторената теорија дека христијанската Европа ќе биде исламизирана, заедно со својата агресија ја потиснува вистината дека не само Европа како заедница, туку и како континент, се соочува со момент во кој треба да се покаже христијанското милосрдие со кое толку се гордее, а го употребува само кога имаат интерес. Потпомогнато од медиумите, лицемерието го достигнува врвот. На тој начин дури и невиното бебе родено по пат, преку прст кој е вперен во него пред камера, лесно станува терорист.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.