Косово продолжува со напредокот на патот кон Европската унија, ги почитува клучните меѓународни ангажмани, но сепак е на самиот почеток, се наведува во годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата кон членството во ЕУ. Во извештајот се поздравуваат чекорите за подобрување на односите со Србија и решавање на прашањата, кои се од взаемен интерес.Упатен е повик за брзо обновување на работата на косовскиот Парламент.
Албанија забележала стабилен напредок во примената на реформите. За да почне преговори за приклучување кон Унијата, Тирана треба да ја заврши реформата во системот за владеење на правото, пишува во Извештајот за напредокот на земјата. ЕК препорачува земјата да постигнува постојани резултати во истрагите и доаѓа до конечни пресуди во случаите на корупција и организиран криминал „на сите нивоа“.
Европската комисија денеска го усвои и извештајот за напредокот на Босна и Херцеговина за 2015 година, во кој се констатира дека земјата повторно се вратила на реформскиот пат и почнала да ги решава приоритетите на патот кон пристапување во Европската унија, што го покажала преку усвојување на Реформската агенда. За натамошен напредок на државата кон ЕУ, како што е наведено, потребен е смислен напредок во спроведувањето на реформите од Агендата, а што е предуслов за разгледување на барањето за членство во Унијата.
ЕК оценува дека Црна Гора остварила „добар напредок“ во 6 поглавја, во 26 поглавја е констатиран „одреден напредок“, а само во едно поглавје нема остварен напредок. ЕК ја констатира значајната улога на Црна Гора во регионот, одлични односи со соседите, како и фактот дека Црна Гора потпиша два билатерални договора за границата со Босна и Херцеговина и со Косово. Во рамковниот документ „Стратегија на проширувањето“, Црна Гора е истакната како „успешен пример меѓу земјите кандидати во новиот пристап за владеење на правото“.
Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан денеска во Брисел оцени дека Србија во минатата година направила крупни чекори кон приближувањето кон Европската унија и оти е близу до отворањето на првите преговарачки поглавја. Тој изјави и дека има напредок во подоборување на односите меѓу Белград и Приштина, а Србите во регионалната соработка се однесувале многу конструктивно.
Европската комисија нотираше дека Турција во последната година бележи отстапувања во однос на прашањето на почитувањето на основните права и владеењето на законот. Во извештајот се посочува дека се забележуваат суштествени недостатоци во правосудниот систем и во областа на слободата на изразување и собирање. Во него се дополнува дека има застој во курдското прашање и се изразува оценка дека мировните преговори задолжително треба да се обноват.