Еврокомесарот Јоханес Хан говорејќи на третата „Спик ап“ конференција во Брисел за медиумската состојба во земјите од Западниот Балкан и Турција изјави дека во медиумите се помалку се застапени различни мислења, истражувачки стории и популарни критички телевизиски шоуа. Тоа, според него, не значи оти владите работат беспрекорно или нема коруптивни бизнис практики за истражување.
За жал, како што наведе Хан, иако во земјите има закони за слободата на изразување, нивното спроведување претставува сериозен проблем и ситуацијата дополнитлено се влошува. Хан оцени дека некогаш владите придонесуваат за клима на страв, поради која критички насторените новинари се прогласени за предавници и која предизвикува автоцензура.
Владите, според него имаат одговорност да гарантираат безбедна средина каде ќе можат да бидат изразени различни мислења и каде граѓаните ќе имаат пристап до објективни и врз факти базирани информации. Но, Хан нагласи и дека своја одговорност имаат и невладините организации и медиумските претставници. Земјите кои се решиле да имаат поблиски односи со ЕУ, според него, треба да ги достигнат европските стандарди во сферата на медиумите.