Во Прилеп, пропадна обидот за заедничко чествување на 100-годишнината од раѓањето на народниот херој, Мирче Ацев. Не се оствари целосно агендата за планираната свечена академија, договарана меѓу Oпштинската боречка организација, Организацијата на резервни офицери на Македонија, касарната „Мирче Ацев“, гимназијата и културно-уметничкото друштво што го носат неговото име.
Фактот што на историчарот Белчески, му се одзема правото да говори за животот и делото на Мирче Ацев, значи и дискриминација на боречката организација, чии основоположници се Мирче и сестра му Вера Ацева.Мирче Најдоски, правнук на Мирче Ацев.
Ова, затоа што Организацијата на резервни офицери, речиси во последен момент, одлучила рефератот подготвен од историчарот, виш кустос Рубин Белчески, кој е претставник на боречката организација да не се чита.
Од прилепскиот огранок на Организацијата на резервни офицери, велат дека надлежните од Скопје, оцениле дека доволно било д-р Ѓорѓи Малковски, претседателот на Организацијата да говори за делото на Мирче Ацев и немало потреба на иста тема да се осврне и претставникот на боречката организација.
„Па, вака само ќе се повторуваа фактите, а реагираа и многу историчари“, изјави Влатко Котески, претставник на Организацијата на резервни офицери.
За боречката организација оваа постапка на Организацијата на резервни офицери е енигма, која треба да се осветли.
„Се отпечатија поканите, сè e во ред, ние очекуваме една масовност да биде широка, непартиска што се вели и кога добивме известување дека не можел да биде предавач и Рубин Белчески, историчар, виш кустос, неочекувано нешто. Нивното образложение беше дека имало многу историчари, реагирале“, изјави в.д.претседателот на прилепската боречка организација, примариусд-р Круме Соколоски.
Па, во еден ист ден, напладне во градската бибилиотека, се одржа академијата, но без боречката организација.
„Посебно е за одбележување револуционерната активност на Мирче, на белградскиот универзитет“, говореше историчарот Малковски.
А, вечерта во просториите на општинската организација на Сојузот на борци, историчарот Белчески, многу исцрпно говореше за херојското дело на Ацев, пред членовите на неговата фамилија, граѓани, политички партии и претставници на локалната самоуправа.
„Од сите што биле затворени во окружниот затвор, Мирче бил најмногу мачен,но во исто време се покажал како најцврст“, говореше Белчески.
Сите овие случувања предизвикаа револт во фамилијата на Ацев.
„Фактот што на историчарот Белчески, му се одзема правото да говори за животот и делото на Мирче Ацев, значи и дискриминација на боречката организација, чии основоположници се Мирче и сестра му Вера Ацева“, изјави Мирче Најдоски, правнук на Мирче Ацев.
Локалната власт, најави дека в година, ќе биде поставен споменик на херојот.