Семејството го напушти својот дом во Камешли во Сирија во 2013 година во обид да почне нов живот во Турција, што се покажало за тешко со оглед на тоа што не можело да се најде работа и соодветно сместување на сириските бегалци.
Халил донесол одлука да ја пробаат среќата во Европа, надевајќи се дека откако стигнал во Шведска во февруари лани, ќе може да го донесе своето семејство на легален начин.
Но, неговата апликација била одбиена. Тој никогаш не се помири со ваквата одлука.
Откако во минатиот месец неговата сопруга се породила, 38-годишниот Халил организира, преку шверцерски канали, влегување во Европа со гумени чамци. Сега се во Австрија и чекаат да влезат во Германија.
За време на тие моменти од Турција до Грција и до Словенија, страхував да не умрат моите деца. Навистина е тешко кога таткото чувствува дека неговите деца би можело да умрат и оти индиректно за тоа е виновен токму тој самиот.Заки Исмаил Халил, сириски бегалец.
„Секој чекор беше голем предизвик. Во еден дел од патувањето времето беше студено. Моравме да обезбедиме да имаме храна барем за децата. Исто така моравме да имаме и топла облека за да не премрзнат“, вели тој додавајќи:
„За време на тие моменти од Турција до Грција и до Словенија, страхував да не умрат моите деца. Навистина е тешко кога таткото чувствува дека неговите деца би можело да умрат и оти индиректно за тоа е виновен токму тој самиот. Се надевам дека потегот да ги донесам во Европа, каде што благодарение на Господ стигнавме безбедно, ќе се покаже за правилен. Немав друг избор. Не можев да поднесам да бидам далеку од моите деца, ниту, пак, тие можат да бидат далеку од мене“, вели тој.
Халил се надева дека неговите деца ќе му простат за тоа што ги земал на толку опасен пат.
„Им се извинувам на моите деца што ги измачив на ваков начин да минат низ овие околности. Но, тие веќе две години немаа ниту еден момент на среќа. Тие не живеа онака како што децата би требало да живеат“, вели Халил кој изразува надеж дека во Шведска ќе им обезбеди среќно детство.
Тој како илјадници други се обидува до таму да стигне преку Германија и Данска.
Германската полиција соопшти дека секој ден по десетина илјади лица влегуваат во таа земја од Австрија.
Германија очекува рекорден прилив на повеќе од 800 илјади мигранти само оваа година, што е најмногу од сите земји членки на Европската унија.
Најмногу мигранти тоа го прават преку Балканот. Според досегашните податоци, околу 680 илјади баратели на азил, бегајќи од војната и лошите услови за живот на Блискиот Исток, Азија и Африка, само годинава влегоа во Европа преку балканската мигрантска рута.
Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации оцени дека светот во моментов се соочува со најголемата бегалска криза по Втората светска војна.