УНХЦР предупредува на проблеми со мигрантите

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

УНХЦР предупредува на проблеми со мигрантите

Високиот комесаријат за бегалци на ОН предупреди дека процедурата за регистрирање на мигрантите ќе предизвика проблеми на Балканот во претстојната зима. Ова е оценето откако на самитот во Брисел во неделата беше прифатен планот за построга контрола на влегувањето на мигрантите во Унијата.

Високиот координатор на УНХЦР Франческа Бонели за време на посетата на граничниот премин меѓу Србија и Хрватска изјави дека оваа агенција на Светската организација поддржува правилна регистрација на мигрантите, но оти не е доволно опремена да се справи со таканаречените тесни грла што ќе бидат создадени со новите построги правила.

„Поддржуваме соодветен процес на регистрирање, но секако тој ќе не забави. Доаѓа зимата, а се уште немаме капацитети за сместување. Ќе биде предизвик да се заштитат луѓето по студено и врнежливо време“, изјави Бонели, додавајќи дека е навистина голем предизвик да се одржува редот на оние што чекаат во долги редици за регистрирање по студено време.

​„Страхуваме дека не ќе можеме во такви услови соодветно да ги заштитиме луѓето на кои тоа всушност им е најнеопходно“, рече таа.

Поддржуваме соодветен процес на регистрирање, но секако тој ќе не забави. Доаѓа зимата, а се уште немаме капацитети за сместување. Ќе биде предизвик да се заштитат луѓето по студено и врнежливо време.
Франческа Бонели, координатор на УНХЦР.

Илјадници мигранти и бегалци дневно минуваат низ границите на Балканот на нивниот пат до побогатите земји на Европската унија.

Откако Унгарија ја затвори нејзината граница мигрантите се присилени да патуваат преку Хрватска и Словенија.

Лидерите на Унијата и на балканските земји во неделата во Брисел се согласија на план од 17 точки за подобра соработка во справувањето со мигрантскиот бран.

Една од клучните точки во планот, според оценките, е давањето поголема улога на Агенција за гранична контрола на Европската унија, Фронтекс.

Од таму е соопштено дека значително ќе го зголемат бројот на гранични полицајци.

„Се справуваме со исклучителна ситуација. Цела година ги зголемуваме активностите, а од неодамна граничната полиција е вклучена во една од најголемите операции“, рече портпаролот на Фронтекс Ева Монкуре.

Станува збор за разни видови операции на границите, особено во помагање со административните активности како регистрација и земање отпечатоци од мигрантите.

​„Ние ги зајакнавме постојните операции, особено Операцијата Посејдон во Егејското Море во Грција и го зголемивме бројот на службениците кои се занимаваат со регистрација и идентификација на мигранти. Ние ги прошируваме операциите во Бугарија, но сега ќе имаме операции и на другите граници како меѓу Грција и Македонија и Грција и Албанија, а исто така ќе бидеме и во Хрватска“, рече таа.

Меѓународната организација за миграции соопшти дека деновиве бил забележан најголем неделен бран бегалци во Грција од почетокот на оваа година.

Досега преку Медитеранот во Европа пристигнале над 680 илјади луѓе.

Во меѓувреме Обединетите нации соопштија дека најмалку 120 илјади луѓе биле раселени поради судирите во сириските провинции Алепо, Хама и Идлиб од почетокот на овој месец.

Според портпаролот на Светската организација во Женева Ванеса Игенен, повеќето од раселените останале во нивните провинции.

Над 250 илјади луѓе загинале, а неколку милиони други ги напуштиле нивните домови од почетокот на граѓанската војна во Сирија, започната во март 2011 година.