Сите неделници ја анализираат политичката криза

Неуспехот на политичките партии да постигнат договор за излез од политичката криза е главна тема во сите неделници.

Фокус - Издржи Никола

„Издржи Никола“, оти само така се забрзува крајот на едно владеење што остави мешавина од гадни вкусови во устата на Македонецот.
Фокус.

Во уводната колумна на Фокус „За нештата да станат појасни“, авторот објаснува зошто бил добар борбениот повик на, како што вели, медиумската ергела на преродбата, испишан во една реченица: „Издржи Никола“. Па појаснува дека „откако десетина пати на зелена маса му ја свиткаа кичмата до болка, време беше да се покаже и малку чалам: ʼНи министри им гласам, ни обвинители им сакамʻ“. „Издржи Никола“, оти само така се забрзува крајот на едно владеење што остави мешавина од гадни вкусови во устата на Македонецот“, продолжува авторот на колумната. Па наведува: уништени медиуми, политички затвореници, ретуширана историја, мики-маус архитектура, изборно-програмирана економија, корумпирана политика... Состојба на духот и телото што ќе мора стоички да се помине. Ќе биде тешко, пишува уводничарот, но еден ден ќе мора да се почне. Подобро побргу, отколку по некоја година. Затоа Никола, издржи, не ја виткај кичмата пред „европските кучки“ и пред „домашните предавници“! - со иронија завршува Фокус.

Република - Стравот од избори го блокира договорот

Република уште на насловната страница ја објавува главната своја тема: обвинување на опозицијата дека поради „Стравот од избори го блокира договорот“. Иако јавна тајна е дека токму ВМРО-ДПMНЕ настапи со дополнителни барања во меѓупартиското договарање што предизвика застој во спроведувањето на заеднички прифатениот договор од Пржино. Па во текстот во кој вели дека „СДСМ си турка по свое“, загрижено прашува: „Зошто Хан е разочаран?“ Па објаснува дека Хан бил научен кога нешто ќе се договори, работите требало да се движат по таа линија. И дека тука во Македонија Хан не ја научил лекцијата дека „Заев си ја турка својата идеја - главен адут на црната кампања да бидат снимките, да ги заштити криминогените структури и досиејата поврзани со нелегално снимање, а на избори да оди со комплетна своја инсталација во полицијата. А неизвесноста со европската иднина што ја споменува Хан, е најмалку само уште еден адут за Заев да ги кочи преговорите“, тврди Република.

Глобус - Викендот на мртви договори

Токму за „Викендот на мртви договори“ пишува и Глобус, за да наведе дека зајакнување на процесите за закочување на договореното од Пржино, подбивање со западните ментори и користење антизападна реторика, воедно и продолжување на сопствената изборна агенда немилосрдно останува и натаму определба на власта на Груевски. Глобус прашува дали за тоа има излез? Може ли странското посредништво да го подигне својот глас за некоја октава, кога до април има уште многу време (и многу такви потреби) или ќе се активира бриселската закана со промена на нашиот статус на кандидат за ЕУ? - поентира Глобус.