После потпишување нема каење

Стефан Богоев, претседател на СДММ и пратеник во Парламентот на РМ.

Преговорите дојдоа во ќорсокак. Власта во заминување, пред се уплашена од мечот на правдата кој е во рацете на новата специјална обвинителка, а надвиснува над режимската глава, прави се за да го уништи договорот од Пржино, пишува претседателот на СДММ Стефан Богоев во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Дождови, ниски температури, се покуси денови, а се подолги ноќи. Не, нема да пишувам, за поплавите. Есента дојде, но оваа есен од ден на ден се повеќе на нова пролет ми мириса.

Сакаат сите снимки да се заборават, избришат и да престанат да се објавуваат, а тој што нема да го направи тоа да оди во затвор. Се плашат, се плашат да не се користат снимките или цитати од нив во Собранието или во предизборната кампања. Знаат дека таа вистина е навистина како шило кое не престанува да го боде трулото тело на режимот.

Преговорите дојдоа во ќорсокак. Власта во заминување, пред се уплашена од мечот на правдата кој е во рацете на новата специјална обвинителка, а надвиснува над режимската глава, прави се за да го уништи договорот од Пржино. Уште на почетокот, веднаш по потпишувањето почнаа со ребаланс на буџетот за да си обезбедат што повеќе пари за купување на изборите, а продолжија со небулозни судски одлуки за задушување на доказите за огромен криминал, за деновиве да финишираат со систематизација во МВР и опструкции на тимот на новата обвинителка. А да, за малку ќе го заборавев и диктаторскиот закон за цензура на бомбите кој очајно се трудат да го протнат во Собранието на РМ. Сакаат сите снимки да се заборават, избришат и да престанат да се објавуваат, а тој што нема да го направи тоа да оди во затвор. Се плашат, се плашат да не се користат снимките или цитати од нив во Собранието или во предизборната кампања. Знаат дека таа вистина е навистина како шило кое не престанува да го боде трулото тело на режимот. Се плашат и од обвиненија од новата специјална обвинителка, се плашат и од апсење од новиот министер за внатрешни работи кој треба да биде од опозицијата. Се плашат затоа што се заглавени во тешки криминали и за прв пат после долги години времето не работи за нив. Тие да можат, се би дале да го запрат или вратат времето. Но, часовникот за нив немилосрдно отчукува, тик-так, тик-так...

Но, да се навратам на една моја постара колумна во која говорев за фронтовите против режимот. Зборував и тогаш, а и се уште го застапувам истото мислење, дека овој режим е тромав, неснаодлив и неспособен кога има отворено повеќе фронтови против него. Тогаш доаѓаат до израз неговите слабости! На пример, кога професорите, студентите, средношколците, наставниците, новинарите, хонорарците и севкупно граѓаните протестираа, а од друга страна опозицијата го бомбардираше со бомби полни вистина, тромавиот груевистички систем ја покажа својата точка на топење. Почна се да прифаќа и почна да станува крајно попустлив. После најголемиот протест во историјата на Македонија од 17ти Мај и после “Кампот на слободата”, режимот со свој потпис на договорот, капитулираше. Иако пред тоа негираше, со тој потпис премиерот во заминување прифати и нов обвинител, и техничка влада, и нов избирачки список па дури ја прифати и сопствената оставка на 100 дена пред изборите. Тогаш, опиен од стравот за сопствената кожа потпиша се, а сега, експресно отрезнет од мечот на правдата пробува сето тоа да го уништи.

Во меѓувреме, повторно се дига на нозе неговиот ноќен кошмар, младите. Во овој случај, средношколците му брцнаа во отворено око па затоа тој мора да им постави затворени врати. Повторно велам, екстерното тестирање прерасна во екстремно тестисирање за премиерот во заминување. Како во ниедна друга земја во Европа, нашите млади беа заклучувани и лишувани од слобода од нивните наставници и директори! Мизерно, долно и бедно! Но, како што вели народната, секоја планина своја тежина, односно кој што си посеал (прекршил), тоа и ќе си жнее (одговара).

Од друга страна пак, опозицијата храбро и одлучно јуриша кон освојување на слободата. Партијата е единствена како никогаш до сега, салите на трибините за „Визијата за Македонија” се преполни и со луѓе, но и со идеи, сугестии, критики, предлози и нескротлива, слободарска енергија! Пратеничката група со полна пареа ја води битката за граѓаните во Собранието, со факти и аргументи покажувајќи им на сите што всушност сме правеле додека не сме биле во Собранието. Континуирани средби со граѓаните преку кои црпевме енергија и аргументи. Ние, младите го растресовме премиерот во заминување па сега панично трчка по неговите квази медиуми објаснувајќи дека ќе изгради нови студентски домови и ќе помага на младите. И сигурен сум дека ќе ветува уште многу, но кога и да го слушнете во себе помислете си: Каде беше овој човек да го направи сето ова во изминативе 10 години?

Нејсе, сигурен сум дека ќе има уште многу опструкции и последни, очајнички обиди за спас на кожата на Груевски. Знам дека ќе се обидат на секој начин и знам дека ќе биде мачно и тешко, но друг пат немаме! Но, имаме ние и план Б, план В и цела азбука планови. Дали ќе биде преговори, протести, бомби или слично, едно е јасно, промената и победата доаѓа. Сега ја имаме историската шанса да се ослободиме и конечно да почнеме да градиме нормална држава. Свесни сме сите, се чувствува помеѓу граѓаните, се насетува во воздухот. Готово е Никола! После потпишување, нема каење!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.