Со планот за градење во населбата Лагадин, една од најатрактивните покрај Охридското Eзеро,одлука што владеjачкото мнозинство ја донесе на последната седница на градскиот Совет, се отвора терен за изградба на претходно најавената Медитеранска плажа во езерото реагираат од СДСМ Охрид. Координаторот на советничката група, Јован Стојаноски, вели дека против овој владин проект биле граѓанитете од населбата кои доставиле и петиција до локалната самоуправа.
Изградбата на какви било бетонски објекти во езерото би ја нарушила универзалната вредност на езерото и живиот свет во него, како од аспект на УНЕСКО и од аспект на заштитата на животната средина.Јован Стојаноски, координатор на советничката група на СДСМ во Охрид.
„Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ упорно ја игнорира оваа граѓанска петиција само за да ги заштити своите бизнис интереси. Ниту експертите не се консултирани и испочитувани. Затоа што изградбата на какви било бетонски објекти во езерото би ја нарушила универзалната вредност на езерото и живиот свет во него, како од аспект на УНЕСКО и од аспект на заштитата на животната средина“, рече Стојаноски.
Изградбата на слободна плажа во Лагадин е одраз на нашата грижа за Охрид. Плажата ќе биде слободна, а охриѓани и туристите ќе немаат обврска да плаќаат ништо кон никого и согласно нашето ветување пристапуваме кон реализација на овој проект, велат од Општина Охрид.
„На потегот кај Лагадин, Министерството за транспорт и врски веќе ја има завршено тендерската постапка за избор на фирма која ќе гради уште една слободна плажа во Охрид уредена според сите најмодерни стандарди. Проектите кои ги реализираме со Владата на Македонија немаат време за чекање и за ситни процедурални забелешки од страна на опозицијата“, рече Димитар Спасески, секретар во Општина Охрид.
На ваквата одлука реагираат дел од граѓанските организации.
„Планот за новата плажа се протега на подрачје со 500 метри појас трска, а трската е место каде што се гнездат лебедите, симболот на Охрид, и каде што се мрести далекупознатиот охридски крап. Доколку ја снема трската, научници од Хидробиолошкиот институт тврдат дека постои реален ризик лебедот засекогаш да го напушти Охридското Езеро како еко систем, а крапот да се доведе до степен на загрозен вид. Со ова целосно се игнорираат препораките од УНЕСКО со чиишто канцеларии сме во постојана комуникација и со жалење ви соопштуваме дека доколку се продолжи со вакви безумни „проекти“ постои вистинска можност Охридското Езеро да се смести на листата на загрозени подрачја на светско и културно наследство, што е еден чекор до бришење на локацијата од списокот со подрачја заштитени од оваа организација“, велат од граѓанското здружение СОС Охрид.
Од таму велат дека жителите потпишале приговор против градењето на ваква плажа, каде биле собрани 200 потписа и оти комплетната документација заедно со сите потписи уште во мај 2015 година биле доставени до Општина Охрид, но оттаму не добиле никаков одговор.
„Планот за проектот „медитеранска плажа“, во целост го прекршува Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Македонија и Советот на министри на Албанија за заштита и одржлив развој на Охридското Езеро и на неговиот слив. Повеќе од очигледно е дека ова значи нарушување на добрососедските односи со Албанија“, велат од СОС Охрид.