Часовникот како потреба, но и како накит

Часовникот некогаш освен времето го покажува и статусот во општеството на неговиот сопственик, некогаш е моден тренд, некогаш е дискретен, а некогаш многу впечатлив на раката. Џебните часовници во модерното време, пак, најповеќе се погодени од мобилните телефони.

Во ерата на современата технологија, часовник или саат одолева на сите промени, оти го мери времето покусо од календарот, со сказалки или без нив, во разни форми, за разни пригоди, но ниту мигот не може да го запре. Тој опстојува и на рака го носат луѓе од разни возрасти и со најразновидни стилови на облекување и начин на живот, велат часовничарите и некои од запрашаните кумановци.

Носам часовник, а кога бирам да купам, гледам да е добра марка и да има дата. Најважно ми е да работи добро и да е отпорен на вода.
анкетиран жител на Куманово.

Часовникот е еден од најстарите пронајдоци на човекот, но историчарите не се согласуваат од кога точно датира неговото појавување. Имало часовник на вода, сега има часовник отпорен на неа, имало часовник со песочен проток, а сега отпорен на песочните честички. Часовникот некогаш освен времето го покажува и статусот во општеството на неговиот сопственик, некогаш е моден тренд, некогаш е дискретен, а некогаш многу впечатлив на раката. Џебните часовници во модерното време, пак, најповеќе се погодени од мобилните телефони.

„Не носам часовник оти имам телефон. Носев пред да се појават мобилните телефони. Убаво е да се носи часовник и од естетска причина, како накит. Веројатно се гледа стилот на човекот, не верувам дека е статус. На пример, некој сака да биде елегантен и смета дека е комплетен ако има и часовник.“

„Носам часовник, а кога бирам да купам, гледам да е добра марка и да има дата. Најважно ми е да работи добро и да е отпорен на вода“, велат анкетираните кумановци.

Елица Андоновска безмалку три децении е часовничар во Куманово. За сега единствена жена, иако не многу одамна имало и други. Занаетот го презела од сопругот, а таа пак го пренела на синот кој од мали нозе бил покрај неа.

„Кај мене најчесто купуваат повозрасните, бидејќи работам подолго време имам редовни муштерии, а потоа и нивните блиски по препорака. Јас сум часовничар што држам малку поевтини часовници затоа што имам искуство со нив и гледам да бидат достапни за луѓето со поскромни примања, за луѓето кои часовникот го носат како часовник, а не како мода, за разлика од младите“, вели таа.

Елица вели дека и младите се добри купувачи зашто тие бараат и поскапи часовници и почесто, па од нив може и добро да се заработи.

„Часовниците исто така се подаруваат. За годишнина на работа, за свадби, како порано што беа кумановски бовчалуци. Сега се купуваат часовници за кумови, за старосватови, а бидејќи сега тие се млади луѓе им се купуваат и помодерни часовници“, вели таа.

Часовничарката или саатчика ги поправа сите видови часовници.

„Ако нема некој дел часовникот се остава тука, а ако е од постарите се трудиме од секое место да се најде и да се поправи часовникот“, вели таа.

Освен рачни, кај Елица на поправка пристигаат и ѕидни часовници од постара дата, кои се наследени или пак купени некаде како сувенир.

За часовничарскиот занает Елица вели дека сè додека постојат часовници ќе постои и занаетот.

„Часовникот се носи и како потреба, како накит, како подарок, како имиџ. Може да се живее од овој занает. Треба да си посветен, да го сакаш, да си искрен со муштериите, ако му кажеш дека тоа е тоа, тој ќе запамти, ако имаш добар избор ќе дојде пак ќе купи“, вели Елица Андоновска.

Во центарот на Куманово пред деценија ипол поставен е и градски часовник. Неговите сказалки најчесто стојат, за што понекогаш кумановци на шега велат дека и градот застанал во времето.