Зголемен е бројот на мигранти кои минуваат низ Македонија. Во последниов период дневно низ земјава транзитираат околу 5 илјади луѓе, велат во невладините организации на терен.
УНХЦР работи на изнаоѓање на системи за греење кои ќе бидат соодветни за шаторите, но сепак целиот шатор, целиот камп е премногу импровизирано направен за да се надеваме дека ќе биде некој похуман однос кон бегалците.Мерсиха Смаиловиќ, НВО Легис.
Мерсиха Смаиловиќ од невладината Легис вели дека, според нивните разговори со бегалците и мигрантите, тие брзаат да ги искористат добрите временски прилики во Турција и Грција и до крајот на месецот се очекува да се задржи ова темпо додека во зимата нивниот број ќе се намали. Таа додава дека во камповите се работи интензивно за создавање на подобри услови за текот на зимата, се поставуваат нови шатори и засолништа.
„УНХЦР работи на изнаоѓање на системи за греење кои ќе бидат соодветни за шаторите, но сепак целиот шатор, целиот камп е премногу импровизирано направен за да се надеваме дека ќе биде некој похуман однос кон бегалците. Не очекуваме дека ќе биде нешто потивко и поубаво за нив во однос на греење, но ќе видиме како ќе се импровизира до крајот на годинава, односно до крајот на зимата“, вели таа.
Смаиловиќ вели дека проблемите и натаму остануваат исти, возовите доцнат, вработените во Железници имаат нехуман однос кон мигрантите, им наплаќаат скапо за картите, а недостасуваат и навреме преземени мерки од институциите. Таа додава дека има впечаток оти само домашните и странски хуманитарни организации интензивно се подготвуваат за зимата.
„Премногу се доцни со целиот процес на формирање на кампови и градење на некои постабилни објекти, така што сето тоа навистина споро се одвива, затоа што дождовите нè одминаа, кампот во Гевгелија беше во ужасни услови, и Табановце беше во хаос, во кал, едвај се движеа и активистите и бегалците. Но, сите знаевме што нè очекува во есента. Ако ние како невладина купувавме кабаници за да се спремиме за дождот, можеше и кризниот штаб подобро да го подготви теренот и подобро да биде спремен за бегалите“, вели таа.
Александра Ристовски од Црвениот крст неодамна изјави дека имаат девет мобилни тимови на терен на двата гранични премини во Гевгелија и Табановце, при што на мигрантите им обезбедуваат вода, храна, производи за бебиња, ќебиња и прва помош.
„Со оглед на тоа што имаше доста дождови, во изминатиов период почнавме да дистрибуираме и кабаници за да можат продолжат со своето патување низ нашата земја“, рече таа.
Невладините алармираат за понавремено реагирање на институциите и поорганизарана подготовка за временските прилики кои нè очекуваат.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во изминативе 4 месеци низ Македонија поминале 143 илјади мигранти и бегалци.