Во обраќањето во Економскиот клуб во Њујорк Ален говореше за напредокот што го направи светската коалиција во борбата против милитантите на Исламската држава внатре во Ирак.
„Во Ирак ИД загуби пристап во 30 триесет насто од територијата што ја имаше под своја контрола во ова време лани. Тикрит веќе 75 насто е ослободен, а населението почна да се враќа во градот. Ирачките сили напредуваат кон Рамади, главниот град на провинцијата Анбар. Тој ќе биде ослободен до крајот на годинава“, изјави Ален.
Тој пред да се пензионира и да стане главен американски пратеник во борбата против милитантите на Исламската држава беше командант на НАТО и американските сили во Авганистан.
Ова ќе биде долгорочен конфликт. Некои денови ќе напредуваме во овој конфликт, некои денови ќе назадуваме. Но, за да се порази идеологијата на Исламската држава, некои аспекти на овој конфликт ќе траат една генерација и повеќе.Џон Ален, пратеник на САД во борбата против ИД
Пред две недели Русија започна воздушни напади врз позиции на антивладините бунтовници во Сирија за да го поддржи нејзиниот сојузник претседателот Башар ал Асад. Ваквиот потег предизвика негативни реакции на Запад.
„Може да има краткорочна тактичка полза од тоа што Русија ќе го стабилизира режимот на Асад. Но, освен што Русија му помага на Асад во справувањето со сириската опозиција, режимот на Асад ќе продолжи да бара и друга странска помош за да преживее. Таа поддршка доаѓа од Русија, Иран и од либанскиот Хезболах. Дами и господа, оваа листа е проблематична“, рече Ален.
Тој наведе и дека Русија ги напаѓа сите опозициски групи освен ИД.
„Но, ова не е натпревар меѓу Соединетите држави и Русија. Ова не е реприза на Студената војна. Во наш интерес е Русија да биде одговорен и ефективен актер на меѓународната сцена. Ќе продолжиме да се бориме против милитантите на Исламската држава“, изјави Џон Ален.
Зборувајќи за најлошото можно сценарио во регионот тој оцени дека тоа би била појавата на руско шиитско партнерство што би придонесло за разгорување на верските конфликти.
Според него, борбата против милитантната група Исламска држава ќе биде долготрајна.
„Ова ќе биде долгорочен конфликт. Некои денови ќе напредуваме во овој конфликт, некои денови ќе назадуваме. Но, за да се порази идеологијата на Исламската држава, некои аспекти на овој конфликт ќе траат една генерација и повеќе. Сепак, како меѓународна заедница верувам дека можеме и ќе се справиме со овој предизвик“ изјави Ален.
Граѓанската војна во Сирија трае над четири години што создаде вакуум кој го искористи оваа милитантна група и освои територии во таа земја, но и во соседниот Ирак.
Работата на пензионираниот генерал Џон Ален е поврзување на сојузничката коалиција предводена од Соединетите држави во вршењето на воздушните напади врз позиции на милитантите во Сирија и Ирак.