Со мануелни ѕвона во сите кичевски училишта од почеток на оваа учебна година, служителите ѕвонат на почеток, крај на часовите и одморите, зашто во објектите нема струја.
Потенцираме дека се ближи грејната сезона, која законски почнува на 15-ти октомври, и во случај на намалување на временските температури ние како Совет на родители, одлучивме дека нашите деца нема да посетуваат настава, бидејќи на прво место ни е здравјето на нашите деца.Доминика Стамеска Алексоска, претседател на Советот на родители на училиштето „Кузман Јосифоски-Питу“ од Кичево.
Учениците учат со скратени часови во двете смени. Деновиве, освен што последниот час веќе немаат ни доволно светлина, велат дека им е студено. Родителите реагираат. Советите на родители од училиштата: „Кузман Јосифоски-Питу“ и „Владимир Полежиноски“ одлучија дека учениците ќе ја бојкотираат наставата, ако до почеток на грејна сезона не се реши проблемот.
„Потенцираме дека се ближи грејната сезона, која законски почнува на 15-ти октомври, и во случај на намалување на временските температури ние како Совет на родители, одлучивме дека нашите деца нема да посетуваат настава, бидејќи на прво место ни е здравјето на нашите деца“, вели Доминика Стамеска Алексоска, претседател на Советот на родители на училиштето „Кузман Јосифоски-Питу“ од Кичево.
Родителите потенцираат и порачуваат нивните одлуки да не бидат политички обојувани.
„Потенцирам ние не се организирани политички, не мешаме политика, туку сакаме да им се обезбеди на учениците нормално да ја посетуваат наставата“,вели Даниела Кочовска, претседател на Совет на родители на училиштето „Владимир Полежиновски“ од Кичево.
Училиштата се без струја од средина на јуни. Сметките им се блокирани 3 години, од доверителите за неплатени долгови за нафта за греење. Парите од блок дотациите од Министерството не им се доволни за покривање на годишните трошоци.
„Значи ние дотациите ги добиваме како блок-дотации преку Општина Кичево и тие годишно изнесуваат 2,2 милиона денари. Наменети се за сите потреби коишто ги има училиштето, а училиштето има потреби над 3.5 милиони денари“, вели Орце Наумоски, директор на основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“.
Тој истакнува дека долгот на училиштето изнесува 3,7 милиони денари. За овие 3 години, откако е сметката блокирана, исплатена е половина од сумата.
„Долгот не е платен, од причини што сметките на училиштето се блокирани. Блок дотациите што идат од Министерството за образование до локална самоуправа се префрлаат до нашето училиште, но истите тие донации се наплаќаат со извршните решенија“, вели и Силвана Кирова, директорка на училиштето „Владимир Полежиноски“.
И родителите и директорите решение на проблемот очекуваат од локалната самоуправа и ресорното министерство. Градоначалникот, Фатмир Дехари, вели дека лани до октомври општината им ги платила сите долгови за струја и вода на училиштата, но тоа не може да го направи и годинава. Дехари очекува интервенција на Министерството, за што било доставено и писмено барање. А, Министерството апелира до директорите, долговите кон ЕВН да ги плаќаат на рати.