ЕУ со предупредување до авиокомпаниите

Воздухопловното регулаторно тело на Европската унија ги предупреди авиокомпаниите од потенцијална опасност за летање над Иран, Ирак и над Каспиското Море, во услови кога Русија извршува воздушни напади против групата на Исламската држава во Сирија. Во билтенот на Европската агенција за воздухопловна безбедност од 9 октомври е истакнато лансирањето на проектили од бродови во Каспиското Море. Агенцијата засега не дава конкретни препораки, но ги информира авиокомпаниите за потенцијалните закани. Ер Франс соопшти дека ќе направи прилагодување во однос на предупредувањата, додека портпаролот на Луфтханза изјави дека со оглед на распложливите информации, компанијата не направила промени во рутите во регионот. Русија на 7 октомври соопшти дека користи воени бродови на Каспиското Море за гаѓање на цели на групата на Исламската држава.