Во интервју за Руската телевизија, претседателот Путин изрази жалење за самоубиствениот бомбашки напад, наведувајќи дека станува збор за терористички чин.
„Секако тоа е обид да се дестабилизира ситуацијата во соседната пријателска земја, во Турција. Уште повеќе тоа е направено за време на изборна кампања. Тоа е јасна провокација, но ние ќе бидеме ефикасни против ваквото зло само ако се бориме заедно“, рече Путин.
Запрашан за координацијата на напорите во Сирија каде што Русија изведува воздушни напади за поддршка на претседателот Башар ал Асад, Путин изјави дека не бил задоволен со нивото на соработката со американските и сојузничките сили.
„Во случај навистина подобро да знаат и да сакаат да се борат против тероризмот нека ни ги дадат конкретните месата каде се кријат терористите. Дајте ни ги целите. Нема ништо полесно од тоа. Но засега немаме такво ниво на соработка“, рече Путин кој сепак додаде дека биле направени првите чекори кон тоа.
Во случај навистина подобро да знаат и да сакаат да се борат против тероризмот нека ни ги дадат конкретните месата каде се кријат терористите. Дајте ни ги целите. Нема ништо полесно од тоа.Владимир Путин, претседател на Русија
Во изминативе денови Русија драматично ја интензивира воздушната кампања против, како што соопшти Москва, милитантите на Исламската држава.
Но, според сириските бунтовници кои се борат против претседателот Асад, голем дел од руските напади биле насочени против нив. Путин додаде дека цел на руските воздушни напади е да се отвори патот за политички компромис во Сирија, кој според него, не би било можен, доколку ослаби сириската армија.
„Кога сили на меѓународни терористи како на Исламската држава и други како неа се блиску до Дамаск нема голема желба за преговори со сириските власти кои се опколени во нивниот главен град“, рече Путин.
Тој исто така изјави дека руската операција во Сирија ќе биде временски ограничена и оти притоа нема да бидат инволвирани копнени сили.
Во врска со можноста руската воена интервенција да поттикне терористички напади во Русија, Путин изрази уверување дека акцијата во Сирија всушност бил чекор на превенција.
„Се разбира, има такви опасности, но тие постоеја дури и без нашето активно дејствување во Сирија. А во случај ние да ја испуштиме Сирија, сите тие илјадници луѓе, кои таму сега се со калашникови ќе завршат на наша територија. Сега му помагаме на Асад да се бори против нив таму“, вели Путин кој додаде дека не сака да зазема страна во верскиот судир во Сирија.
„Наша единствена цел е поддршка на легитимните власти и создавање услови за политичко решение“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Официјален Вашингтон го обвинува Асад за тероризирање на сопствениот народ во обид да остане на власт и инсистира тој да не биде дел од пост воената влада во Сирија.