Политиката не смее да ги дели празниците

Архивска фотографија - Обраќање на претседателот Ѓорге Иванов на свечена академија по повод 11 Октомври.

Празниците треба пред се да обединуваат, бидејќи сите се подеднакво важни и нема ваши или наши празници, порачуваат историчарите.

Утре се одбележува 11 октомври, кога пред 74 години македонскиот народ се кренал против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за ослободување на земјата. Но како и за овој празник, па така и за останатите ќе може да се забележи фаворизирањето на политичките партии на одредени историски важни датуми на сметка на други кои се подзабораваат и не им се посветува истото внимание. Политичките партии повторно нема да бидат обединети и повеќе ќе го користат празникот за партиски говори и меѓусебни препукувања, а со тоа создаваат конфузија кај народот, велат познавачите. Празниците треба пред се да обединуваат, бидејќи сите се подеднакво важни и нема ваши или наши празници, порачуваат тие.

Актуелната власт, за нив овој празник не претставува ама баш ништо. Зошто? Дури и споменикот на борците што е пред владата го оградија.
Лазар Лазаров, историчар.

Крушевска република или АСНОМ, борбата против отоманската империја или народно ослободителната војна, вмровци или комунисти...Ваквите поделби особено доаѓаат до израз за време на празнувањето на некој важен ден од македонската историја и најчесто се поттикнати од политичките партии. Наместо да се слави минатото празниците станаа редовен поттик за нивно препукување и за сопствена промоција. На сметка пак на фаворизирањето на одредени настани во историјата се забораваат другите или едноставно не им се посветува подеднакво внимание. Наместо државнички прославата се одбележува со партиски говори. Ретко кога на одбележувањето заедно може да се забележат и припадниците на власта и на опозицијата, како и на албанските партии. Викендов се одбележува 74 годишнината на еден од најславните датуми во македонската историја, 11 октомври. Години наназад опозицијата ја обвинува власта дека сака да го маргинализира празникот, а забележително е и отсуството на албанските политички елити од прославата.

Секоја власт со свој празник

Историчарот Лазар Лазаров вели дека празниците кај нас веќе не се одбележуваат како порано кога им се посветувало достојно внимание. Но, денес, според него зависи за кој празник се работи, конкретно 11 октомври се маргинализира од страна на власта и му се посветува внимание колку да се рече дека се одбележал. Актуелната власт повеќе му придава значење на Илинден и на револуционерните движења од 19 и почетокот на 20 век, отколку на борбата против фашизмот, смета Лазаров.

„Актуелната власт, за нив овој празник не претставува ама баш ништо. Зошто? Дури и споменикот на борците што е пред владата го оградија и кога почнаа да интервенираат граѓаните зошто да се оградува, зошто да не може некој денеска да положи цвеќе и да го одбележи тој празник. Повеќе ги интересираат празниците околу врховистите, околу Тодор александров, Ванчо Михајлов, и други на кои им изградија споменици, а кои воопшто не придонеле за македонската државност и самостојност.“

Генералот во пензија Борис Стојановски за време на дебатата дали треба да се одбележува во Македонија 9 мај денот кога Европа ја слави победата над фашизмот изјави дека најголем бенефит од учеството во антифашистичката борба е што Македонија доби држава во рамките на тогашната СФРЈ, иако, како што вели, тоа е платено скапо, со над 24 илјади загинати во текот на војната.

„Затоа НОБ претставува една од најсветлите точки во нашата историја во која низ тешки и крвави битки и со животите на најдобрите синови и ќерки, извојувана е слободата и удрени се темелите на нашата државност во рамките на југословенската федерација. Таа држава по распадот на Југославија стана темелница на денешна самостојна и суверена Република Македонија“, вели тој.

Празниците да обединуваат

Во основа секој празник треба да ја покаже сплотеноста на народот и обединетост, а не би требало да има никаква поделеност по било која основа, вели историчарот Тодор Чепреганов. Според него, 11 октомври е ден кој е значаен за сите граѓани бидејќи претставува борба против едно од најголемите зла на човештвото. Но, познато ни е дека политичките партии обично ги подигнуваат тензиите и емоциите на таквите прослави, што не би требало да се случува додава тој.

Свечена академија по повод 11 Октомври.

„Сите политички партии, која и политичка партија да е на власт треба сите оние празници што се значајни за самата држава, коишто имаат свој печат во државата треба да ги чествуваат без разлика која политичка партија е на власт. Не може да се дели она што се случувало во минатото. Ако е ставено како државен празник и ако некоја личност во минатото се жртвувала за онаа што се денес, сепак треба да му се даде достојната почит, а не да биде фрлена на маргините на историјата, без разлика дали тоа биле комунисти и без разлика од која политичка опција или организација се. Тие што го дале својот живот за оваа држава или направиле нешто, без разлика дали со пушка или со перо треба да бидат чествувани како што треба, треба да им се даде достојната почити, бидејќи тие како личности треба само да ни покажат како треба да бидеме обединети за да можеме да ја зачуваме оваа држава.“

Политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ смета дека уште од осамостојувањето на Македонија и менувањата на власта предводена од ВМРО ДПМНЕ или СДСМ се знае која партија, која страна од историјата ја држи.

„ВМРО-ДПМНЕ ја држи и ја величи страната на комитите и Илинден и 23 октомври нововоспоставениот ден на ВМРО, а СДСМ ги слави, ги величи 11 октомври, датумите кои им припаѓаат на делот од историјата на партизаните, што е сосема погрешно, затоа што тие два дела на македонската историја, им припаѓаат директно на македонскиот народ и ниеден нема право да го величи или помалку да го величи, помалку да го слави другиот.“

Не може да се дели она што се случувало во минатото. Ако е ставено како државен празник и ако некоја личност во минатото се жртвувала за онаа што се денес, сепак треба да му се даде достојната почит, а не да биде фрлена на маргините на историјата.
Тодор Чепреганов, историчар.

Според неа, форсирањето на едниот дел од историјата на сметка на другиот ја потенцира себичноста и личниот интерес на политичките партии во себе промовирањето.

„Затоа што не можеме никако да кажеме дека некој има поголемо значење и поголема заслуга за независноста на Македонија на сметка на другиот и тоа може да се види и по поглед на тоа како тие ги третираат спомениците што ни се оставени од период, значи знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ само последната година малку придонесе кон реновирање на спомениците подигнати за настан или личност од Втората светска војна, а знаеме какви грандиозни споменици подигнаа за комитите.“

Социологот Илија Ацески вели дека во Македонија некогаш се пренагласува поврзаноста на одредена партија со делови од историското минато и тоа се употребува за дневно политички цели.

Политиката манипулира со историјата

„11 октомври е тој ден, тој датум кој долго време, пред 90-ттие години, навистина се прославуваше како еден почеток на борба на македонскиот народ, но после 1990 година кога се променија некои околности како да се потиснува во втор план, како демек тој бил датум на тоа време, ние имаме и други датуми кои се далеку, далеку назад во таа историја. Дневната политика тука многу лесно знае да манипулира со историските факти и настани.“

Лично и тој самиот се уверил дека 11 октомври денес нема толкаво значење како во минатото кога една негова студентка го прашала зошто на тој ден не се работи.

„Вели ние не работиме на 11 октомври, оти 11 октомври нешто бил, пикнала некоја пушка, а не знае кога, не знае зошто, нема елементарна претстава тоа да го објасни. Тоа е индикативно, тоа говори дека особено оваа млада генерација на некој начин како да е исклучена од некои текови во историјата и тоа не говори добро ниту за самото образование, ниту за духот на овие млади луѓе кои понатаму треба да се носат со нацијата, со државата или да бранат некои интереси во еден одреден момент.“

Чепреганов вели дека во Македонија веќе е нормално да има конфузија меѓу граѓаните, бидејќи кога едната партија е на власт и кога се чествуваат одредени настани опозицијата не присуствува на нив и обратно.

Методија Андонов Ченто со група македонски партизани.

„Имаме еден случај што не би требало воопшто да се појавува, како што реков празниците се за да обединуваат, без разлика која политичка опција е на власт, тие празници се еднакво важни и за едните и за другите, бидејќи тие се важни за целиот македонски народ, не може политичка опција да ги мери празниците на овие што ќе ги чествуваме и овие што нема да ги чествуваме, значи со тоа само покажуваме дека не сме дораснати за онаа што денеска е Македонија.“

Поделба на празниците, поделба на народот

Според Лазаров потребна е самосвест и на празниците подеднакво да им се пристапува.

„Ние треба да работиме за збивање на редовите, создавање на едно единство, а тие даваат еден лош пример, партиите даваат еден лош пример кој се одразува и кај јавното мислење и кај самите граѓани без разлика на вера и на национална припадност.“

Секако дека се создава конфузија, но и гнев кај граѓаните, бидејќи не може еден настан од историјата да биде поголем од друг. Политичките партии инсистираат на историјата, бидејќи се сметаат за директни наследници на луѓето значајни за македонската историја и борбата која ја воделе и тоа што го постигнале, смета Стојадиновиќ.

„Секој од својот аспект, секој во своите рамки на можности би придонел во борбата за македонската независност и сега не можеме да кажеме дека комитите се позаслужни или дека партизаните се позаслужни, секој тоа го направил во рамките на своите можности. Конфузијата што се создава и гневот што се создава само придонесува кон поголемо расцепкување на луѓето и кон поголем антагонизам и дури целосно не познавање на македонската историја. Никој во Македонија, посебно не политичарите, нема право да ја присвојува заслугата на комитите и на партизаните како свои или како тие да се директен наследник на и само тој да има вечно право, апсолутно право да ги величи, да смета дека треба да ја прави својата политичка кариера врз тоа што тие го направиле.“

Дневната политика на партиите се претвори во една пресметка за некои настани од историјата, притоа потенцирајќи го нивното значење во неа, вели Ацески.

„Кога се бришат тие кодови на припадноста е многу опасно, многу полесно е после во тој поглед самото иселување ќе оди многу полесно, бидејќи самата припадност вас не ве врзува, добивате некоја интернационална, космополитска димензија, таа само по себе не е толку проблем, колку што ги подрива, ги уништува, ги запоставува тие корени на припадноста кон одредена група. “

Без разлика за кој празник се работи, како што наведува Стојадиновиќ. Политичарите секогаш го користат денот за неформални и неофицијални политички кампањи.

Истото го тврди и историчарот Лазаров.

„Во последните години, посебно во последните 10 години воопшто не се празнува државен национален празник, туку се празнува, се дава партиска боја на овие празници, токму тоа се одразува и во говорите и во настапите што остава многу лош впечаток кај граѓаните. И најобичниот човек се чуди во каква држава живее и зошто ние станавме ненационална држава, туку станавме партиска држава.“

Чепреганов на крајот порачува дека политичките партии не би требало да ги користат празниците за меѓусебни препукувања.

„Само да го земеме примерот на државите од Западна Европа, на пример Велика Британија и Франција кога ја чествуваат Првата светска војна,таму сите политички опции обединети го чествуваат и ги обединуваат граѓаните. Ако тие како политички опции се делат кој што ќе чествува, значи и граѓаните ќе се поделени. Сосема е друга сликата кога ќе ги видите сите политички партии на едно чествување заедно, што значи дека сите одаваат почит кон тој историски настан кој што го чествуваме.“

На 11 октомври во 1941 година борците од Првиот прилепски партизански одред го нападнаа бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, што го означи почетокот на организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за ослободување на земјата. Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред. Традиционално празникот поминува со свечени седници и академии, а се доделува и државната награда за животно дело 11 октомври во неколку области.