Македонија станува зависник од увоз на храна

Извозот на храна и живи животни во првите осум месеци од годинава е помал од истиот период лани, додека увозот бележи зголемување.

Од почетокот на годинава Македонија повеќе увезува храна, пијалоци и тутун отколку истиот период минатата година. Податоците од државниот завод за статистика покажуваат дека извозот на храна е намален за еден милион и 160 илјади евра, додека извозот на пијалоци и тутун е намален за 24 милиони и 720 илјади евра. Од друга страна, пак, увозот бележи зголемување, односно годинава во однос на минатата, сме увезле повеќе храна за 21 милиони евра и повеќе пијалоци и тутун за речиси 7 милиони евра.

Ние имаме голем дефицит меѓу увозот и извозот на храна, главно затоа што ние имаме лоши природни услови за конкурентно производство на жита, добиточна храна, а со тоа оди и целото сточарство.
Борис Анакиев, универзитетски професор.

Зголемен е увозот на речиси сите прехранбени производи, од земјоделска до разна готова храна, а главна причина за тоа е македонското дефицитарно производство. Пензионираниот професор Борис Анакиев од Земјоделскиот факултет објаснува дека Македонија не може да се ослободи од зависноста на увозот на храна.

„Ние имаме голем дефицит меѓу увозот и извозот на храна, главно затоа што ние имаме лоши природни услови за конкурентно производство на жита, добиточна храна, а со тоа оди и целото сточарство базирано на ниски приноси, скапа добиточна храна, неконкурентно и не се заинтересирани земјоделците да произведуваат добиточни производи“, објаснува тој.

Сè додека не се расчисти ова и понатаму ќе продолжи оваа криза воопшто во економијата и ќе се рефлектира врз надворешната трговска размена на Македонија.
Биљал Касами, Движење Беса.

Статистичките податоци покажуваат дека годинава трговската размена е намалена за една милијарда долари, додека трговскиот дефицит е намален за 360 милиони долари.

Економистот Биљал Касами од Движењето Беса вели дека намалувањето на трговската размена е последица од политичката криза.

„И економски последиците се чувствуваат, реалниот сектор не се чувствува безбеден, затоа е намалена активноста на реалниот сектор, со тоа имајќи предвид дека нашите претпријатија се поврзани увозно, во тој дел се намалени и увозот и извозот, односно севкупната трговска размена. Сè додека не се расчисти ова и понатаму ќе продолжи оваа криза воопшто во економијата и ќе се рефлектира врз надворешната трговска размена на Македонија“, вели тој.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во првите осум месеци изнесува 2,8 милијарди долари односно 2,5 милијарди евра, а на увозот изнесува 4,1 милијарди долари, односно 3,7 милијарди евра.