Мигрантите веќе не се задржуваат во Табановце

Камп за мигранти во Табановце во близина на македонско-српската граница.

Мигрантите веќе не престојуваат во населбата Сланиште, како што беше пред месец –два. Нивното заминување кон нашата северна граница сега е поорганизирано и побрзо.

Земаат ќеси со храна, вода, ќебиња или облека, од УНХЦР добиваат прва лекарска помош особено за децата, со ранци и торби од Железничката станица –Табановце, на македонско-српската граница, со забрзани чекори бегалците од Авганистан, Сирија и кој знае од каде, во групи, тивко и во колони покрај пругата заминуваат кон Србија. Цели семејства со мали деца, млади момчиња, но и средовечни, веќе не се задржуваат во Табановце, во населбата Сланиште, како што беше пред месец –два. Нивното заминување кон нашата северна граница сега е поорганизирано.

Има со деца, семејства. Дневно можеби има по три-четири возови, а ноќе не знам. Сега ние нормално се движиме, но стресовите низ кои поминавме остануваат. Но тоа е.
Надежда Тасиќ, жителка на Табановце.

Мештаните на Сланиште велат дека и нивниот живот колку-толку се нормализира. Понекогаш ги гледаат од далеку, од дворовите или прозорците, а понекогаш поминуваат едни покрај други без да се погледнат, оти секој си ја турка својата мака. Жителите се надеваат дека колоните еден ден ќе исчезнат од нивниот видокруг, но во нивните сеќавања тие ќе останат за навек.

Надежда Тасиќ.

Семејството Тасиќ чија куќа е на крајот од населбата летото имаше многу неканети гости, материјална штета, дури и еден инцидент. Тие сакаат да заборават се што преживеале и својот живот да го продолжат нормално.

Инаку, ниту доаѓаат, ниту ни прават проблеми, само поминуваат.

„Сега е нормално. Има кој ги испраќа, неодамна поминаа покрај куќата, но тоа не е страшно. Проблеми нема.“

Надежда Тасиќ, вели дека според она што може да забележи бројката на бегалците не се намалува.

„Има со деца, семејства. Дневно можеби има по три-четири возови, а ноќе не знам. Сега ние нормално се движиме, но стресовите низ кои поминавме остануваат. Но тоа е.“

Бегалците од мештаните веќе не бараат ниту вода,ниту храна.

„Сега имаат се, можеби и повеќе отколку што им треба. Имаат и храна, облека, ќебиња. Дури и фрлаат.“

Стана и Јованче Митровиќ.

Зад бегалците останува и отпад што тие го фрлаат низ полето. Ниту некој размислува да го собира, ниту пак да се постават садови за отпад покрај патот по кој минуваат илјадници луѓе.

„Тоа треба да се собира. Инаку, ниту доаѓаат, ниту ни прават проблеми, само поминуваат. Греота е, луѓе се. Никој ништо не побарал од нас. Тие си зборуваат меѓу себе, јас си поминувам покрај нив и „здраво“. “

Раскажуваат Стана (73) и Јованче (67) Митровиќ. Тие додаваат дека сочувствуваат со бегалците кои оставиле се и тргнале во неизвесноста. Особено ги сожалуваат децата, а дали меѓу нив има и опасни луѓе допрва ќе се види.

Мештаните од Сланиште велат дека колку и да сакаат да не мислат на бегалците, сепак тие минуваат пред нивните очи. А глетката не е пријатна, сликите се врежуваат во сеќавањето, предизвикуваат страв за иднината.