Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ денеска изјави дека Хрватска нема да дозволи да се претвори во „собирен центар“ за бегалците кои не ги примаат во соседните земји, остро приговарајќи им на Унгарија и Словенија за нивното однесување во сегашната бегалска криза. „Хрватска има срце, но има и мозок“ рече Милановиќ на прес-конференција во Загреб, објаснувајќи дека владата од ноќеска се одлучила за примена на својот, како што рече, од порано подготвен „план Б“. Според хрватскиот премиер, тоа не значи дека ќе се мобилизира војската, ќе се градат огради и ќе се пуштаат кучиња кон бегалците, но дека земјата нема капацитети да ги прими бегалците кои навлегуваат од сите страни, додека соседите (Унгарија и Словенија) ги затвораат границите.