И за енергетска ефикасност требаат пари

Архивска фотографија.

Од една страна граѓаните не сфаќаат дека парите инвестирани во енергетски ефикасни фасади неколкукратно ќе им се вратат, но од друга, и да знаат, немаат пари за инвестиција.

Нискиот животен стандард на граѓаните кои во Куманово живеат во стари колективни станбени објекти е основната причина што само 13 куќни совети се пријавиле за изградба на енергетски ефикасни фасади. Без оглед што локалната самоуправа со своја финансиска партиципација ќе им олесни на станарите од тие станбени објекти, а ратите за изградбата ќе ја отплаќаат една деценија, голем дел не можат да прифатат.

Условите се над 51 проценти да имаат променето надворешна столарија за да се оди на енергетска ефикасност. Би било добро процентот да е и поголем.
Горан Митевски, архитект.

Горан Митевски, архитект.

„Условите се над 51 проценти да имаат променето надворешна столарија за да се оди на енергетска ефикасност. Би било добро процентот да е и поголем. Односно проектот на „Хабитат - Македонија“ предвидува да се изработи енергетски ефикасна фасада на објект, за тоа „Хабитат“ дава средства како позајмица кои ќе се враќаат во подолг период од десет години со минимална камата, а од самата вредност ќе бидат донирани 20 проценти од Општината, како неповратни средства“, вели архитектот Горан Митевски, во овој проект вклучен преку локалната самоуправа.

Ние овој проект го туркаме веќе четврта година, досега се реализирани само три згради, со помош на Општината се пријавени 13 и може да кажеме дека е добро во однос на претходно, иако и тоа е малку. Граѓаните не сфаќаат дека тоа сигурно ќе се врати многукратно во наредниот период.
Горан Митевски, архитект.

Тој додава дека ратите коишто станарите треба да ги плаќаат се зависно од големината на објектот и од површината на станот.

Зошто само 13 куќни совети се пријавиле, кога во Куманово има голем број стари колективни станбени објекти? Според Митевски за ваква одлука на станарите свое влијание има и стереотипот за инцидентно реагирање на потребите, а не долгорочно надминување на проблемот.

„Ние овој проект го туркаме веќе четврта година, досега се реализирани само три згради, со помош на Општината се пријавени 13 и може да кажеме дека е добро во однос на претходно, иако и тоа е малку. Граѓаните не сфаќаат дека тоа сигурно ќе се врати многукратно во наредниот период“, вели тој.

Митевски посочува дека со изградба на енергетски ефикасна фасада се намалува потрошувачката на енергенсите за затоплување, а и во летните периоди ќе се намали потреба од употреба на климатизери.

„Економската состојба на граѓаните е очајна, а во Куманово пак е во уште полоша состојба, во североисточниот регион, а во однос на останатите региони, пак, животниот стандард е на многу пониско ниво од оној на жителите во другите региони“, вели тој.

И покрај тоа што во еден колективен станбен објект станарите се со различна имотна состојба, а за реализација на овој проект е неопходна согласност од сите, сепак, Митевски е оптимист дека кумановци ќе смогнат сили во наредниот период поголем дел од колективните станбени објекти да бидат енергетски ефикасно обезбедени.