САД да не вртат очи од кризата со мигрантите

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

САД да не вртат очи од кризата со мигрантите

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека Соединетите Држави се залагаат да преземат повеќе сириски бегалци. До ова доаѓа откако неколкумина американски конгресмени побараа администрацијата да преземе дополнителни напори за решавање на кризата со бегалскиот бран во Европа.

Џон Кери, по средбите во Капитол Хил, меѓу кои и една која беше посветена на мигрантската криза во Европа не прецизираше за колкав дополнителен број сириски бегалци станува збор, ниту кога би можело да се очекува нивното прифаќање во Соединетите Држави.

Од почетокот на граѓанската војна во Сирија досега, Соединетите Држави имаат прифатено илјада и петстотини бегалци.

Стејт департментот деновиве најави дека во октомври во земјата ќе пристигнеле уште триста сириски бегалци.

„Се залагаме да го зголемиме бројот на бегалци што ќе ги преземеме и работиме на утврдувањето на бројот со кој ќе можеме да справиме“, изјави Кери.

Нашата влада го прави она што, за жал, често пати го правеше во минатото. Ние се откажуваме од својата моќ и ги вртиме нашите очи настрана.
Џон Мекејн, републикнаски сенатор.

Претходно извесен број конгресмени упатија критики до администрацијата на претседателот Барак Обама дека не е доволно ангажирана во решавањето на овој проблем.

По средбата со Кери, демократскиот сенатор Патрик Леахи побара усвојување амандман за обнова на помошта за бегалците во вредност од 416 милиони долари што, според предлогот, е укината во буџетот за наредната година.

Сенаторот од Републиканската партија Џон Мекејн, кој е претседател на Комитетот задолжен за армиски прашања, во емоционалниот говор повика Соединетите Држави да сторат повеќе во врска со мигрантската криза.

„Нашата влада го прави она што, за жал, често пати го правеше во минатото. Ние се откажуваме од својата моќ и ги вртиме нашите очи настрана“, рече сенаторот Мекејн.

Претседателот на сенатскиот Комитет за надворешни односи Боб Коркер пак, изјави дека биле во тек консултации за зголемување на американската помош, но не прецизира за што станува збор.

Европските држави се соочени со голем бран мигранти кои бегаат од војните. Најмногу е погодена Германија која до крајот на годинава очекува да дојдат 800 илјади мигранти и бегалци.

Европскиот парламент вчера го усвои итниот план за релоцирање на 40 илјади бегалци. Станува збор за планот на Европската комисија кој беше предложен во мај годинава и се однесува главно за бегалците во Италија и Грција кои би требало да бидат прифатени од другите членки на Унијата.

Меѓутоа, посиромашните источни земји како Полска, Унгарија, Чешка и Словачка не се согласуваат на задолжителни квоти.

Тоа, според потпретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс, значи дека Европа се наоѓа пред голема дилема во врска со почитувањето на обврските и на принципите врз кои се заснова Унијата.

И додека претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер вчера предложи низа нови мерки за справување со проблемот, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во Турција оцени дека играта со меѓусебни обвинувања нема да им помогне на бегалците.

„Повторно треба да се воспостави меѓународна солидарност“, рече тој кој изрази уверување дека Турција може да одигра клучна улога за средување на состојбата во Сирија.

Од своја страна претседателот Реџеп Таип Ердоган уште еднаш упати критики до европските земји за нивниот став спрема мигрантите и бегалците.