Потребна поголема поддршка за лицата со интелектуална попреченост

Порака, организација за заштита на лицата со интелектуална попреченост.

Јавната свест за лицата со интелектуална попреченост во Македонија е на незавидно ниво и тоа придонесува за нивна маргинализација.

Лицата со интелектуална попреченост имаат потреба за поголема поддршка. И покрај законската регулатива во Република Македонија која гарантира поддршка и заштита на оваа категорија лица, сепак има потреба од подигање на јавната свест во однос на почитување на сите нивни права кои се гарантирани со закон и со меѓународни конвенции, оценуваат претставниците на републичката организација за заштита на лицата со интелектуална попреченост Порака, со седиште во Скопје, која инаку има свои основни организации во 20-ина градови во Македонија.

Медиумите секогаш се клучни во однос на подигање на јавната свест во однос на правата на лицата со посебни потреби.
Василка Димовска, програмски менаџер на Порака.

„Медиумите секогаш се клучни во однос на подигање на јавната свест во однос на правата на лицата со посебни потреби. Нашите истражувања покажуваат дека сè уште јавната свест за оваа категорија лица е на незавидно ниво во нашава држава, особено кога станува збор за лицата со интелектуална попреченост. Токму тоа е голема кочница за остварување на правата, да ги видиме овие лица меѓу нас во секојдневието. Предрасудите прават овие лица сè уште да се затворени дома во четири ѕида во рамките на семејството“, оценува Василка Димовска, програмски менаџер на Порака.

Ние бараме повторно да се отвори дневниот центар за лица со посебни потреби во Дебар, кој престана да работи пред две години. Родителите се жалат што институцијата не работи и бараат нејзино брзо отворање.
Беким Аме, раководител во единицата на организацијата Порака во Дебар.

Според неа, во сите организации кои делуваат во нашава земја се преземени бројни активности со цел законските права на оваа категорија лица да бидат целосно применети.

Во Порака исто така сметаат дека и нефункционирањето на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост во Дебар е резултат на проблемот со јавната свест.

„Ние бараме повторно да се отвори дневниот центар за лица со посебни потреби во Дебар, кој престана да работи пред две години. Родителите се жалат што институцијата не работи и бараат нејзино брзо отворање. Исто така го имаме поставено и прашањето за отворање на посебни паралелки за лицата со тежок инвалидитет и бараме решение и за тоа“, истакнува Беким Аме, раководител во единицата на организацијата Порака во Дебар.

Според претставниците на оваа организација, институциите и општеството во целина треба да ги решат овие проблеми за овие лица да бидат што подобро интегрирани во општеството.