Поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ: Каде оди Македонија?

Пратениците на ВМРО ДПМНЕ во првото Собрание на Македонија преку соопштение изразија длабока загриженост за правецот во кој се движи Македонија. Во отвореното писмо по повод 24 години од независноста на државата упатуваат низа критики до актуеното раководството на партијата и бараат таа да се врати на своите првични цели.

Во писмото се вели дека „по 24 години од денот на сенародниот референдум, денот на најголема радост, се наоѓаме како држава во тешка политичка и институционална криза, можеби најтешка до сега! Треба да си признаеме дека не ни успева да отвориме нова страница како што ветувавме во 2006 година, за гонење на криминалот и корупцијата! Да си признаеме дека не само што не успеавме да излеземе од спиралата на злото, туку уште подлабоко се нурнавме во неа, така речи „шампионски“. Зградите стојат, ама духот на народот, духот на граѓаните на Македонија, духот на Македонија го урнисавме! Затоа ни се исселува народот и не сака дури ни да се сврати назад.“

Писмото е потпишано од поранешните пратеници: Ратка Димитрова, Јордан Бошков, Ѓулистана Марковска, Горан Зафировски, Билјана Лазаревска, Никола Апостоловски, Цветан јовчевски, Ташко Киров – Костенчев, Благоја Чкартоски и Борка Ѓорчески.