Британската влада е подготвена да прими 15 илјади бегалци од Сирија и бара поддршка од опозициската Лабуристичка партија за почнување воздушни напади врз милитантите на Исламската држава во Сирија, објави лондонски Сандеј тајмс. Весникот претходно објави дека има можност за директно прифаќање бегалци од камповите на ОН на сириската граница.
Илјадници бегалци вчера пристигнаа во Австрија и во Германија, откако унгарската влада им обезбеди автобуси. Бегалците кои вчера пристигнаа во Минхен беа срдечно пречекани од насобраните граѓани кои бараат од нивната власт поголема помош за луѓето кои бегаат од војната во Сирија.
Минатата година Велика Британија прифати 216 бегалци од Сирија. Околу 5.000 Сиријци побарале азил во оваа земја од почнувањето на конфликтот во 2011 година, што е значително помалку од Франција, Германија и Шведска.