Откако Њујоршкиот суд што го води случајот против директорите на „Маѓар телеком“ го отвори за јавноста сведочењето на Слободан Богоевски, поранешниот шеф на македонската тајна полиција, дел од македонските медиуми објавија дека од документи може да се прочита името на бившиот висок македонски функционер кој е посочен за примање мито, кој сè бил вмешан, како се одвивала шемата на корумпирањето и многу други пикантерии околу сведочењето, кое се одвивало во Амбасадата на САД во Скопје и лично и преку видеоконференција, пишува НоваТВ.
„Либертас“, повикувајќи се документот од сведочењето објави дека поранешниот премиер Владо Бучковски е директно посочен дека примал мито. Бучковски, пак, преку соопштение се обрати до јавноста:
„Почитувани, јас Владо Бучковски соработувам со Американската комисија за хартии од вредност,во граѓанската парница што тие ја водат против директорите на Маѓар телеком(Балог, Штрауб и Морваи) пред Њујоршкиот суд.
На барање на Американската комисија за хартии од вредност, јас сведочев на 7 февруари 2014 година, во нивното седиште во Вашингтон (100 F Street, N.E. Washington DC 20549). На сведочењето кое траеше близу 7 часа одговарав на вкрстени прашања од претставниците на Америкснската комисија и адвокатите на обвинетите директори од Маѓар Телеком. Сведочењето беше под заклетва и за него има стенографски белешки и видео запис. Бев замолен да не го обелоденувам моето сведочење и да се воздржам од јавни коментари на случајот до неговото завршување.
Сепак, по обелоденувањето на делови од сведочењето на Слободан Богоевски, си земам за право да дадам кус коментар. Богоевски презентирал редица на неточни информации и прави низа тенденциозни конструкции. Ви благодарам за отстапениот простор, во прилог Ви испраќам копија од поканата за сведочење, се вели во соопштението на Бучковски.