На протестот демонстрантите главно облечени во бело минаа низ улиците на Виена држејќи свеќи и пароли како „Човековите права немаат граници“, „Отворете легални рути“, „Човечкото достоинство е на прво место“.
„Она што го слушаме тука е да се каже јасно и гласно дека бегалците се добредојдени. Станува збор за култура на добредојде, а не за контрола на луѓето кои бегаат од смрт. Не можеме да ги решиме сите проблеми, но мора да останеме со отворени души и срца“, рече австрискиот пејач и хуманист Вили.
Демонстрациите беа мирни без никакви проблеми и инциденти.
„Тука сум поради луѓето кои молат да им се помогне. Политиката е многу бавна и според мене, сигурно има некаква цел зад тоа“, изјави Клаудија Ренер, учесничка на протестот.
Она што го слушаме тука е да се каже јасно и гласно дека бегалците се добредојдени. Станува збор за култура на добредојде а не за контрола на луѓето кои бегаат од смрт. Не можеме да ги решиме сите проблеми, но мора да останеме со отворени души и срца.Вили, активист за човекови права.
Претходно возови со стотици мигранти почнаа да пристигнуваат во Австрија откако австриските власти се чини се откажале од примената на правилата на Европската унија за филтрирање на бегалците кои претходно побарале азил во Унгарија.
Во најновиот пресврт во оваа хуманитарна и политичка криза, која го става на тест опстанокот отворениот граничен режим на Европа, како и на нејзините правила за азил, Унгарија им овозможи на мигрантите, кои главно бегаат од граѓанската војна во Сирија, со возови од Будимпешта да заминат за Австрија или Германија.
Австриските власти деновиве уапсија неколкумина шверцери со луѓе како дел од акцијата за откривање на виновниците за задушувањето на 71 мигрант во еден камион кој во минатата недела беше оставен на патот во близина на австриско унгарската граница.
Во Виенската катедрала „Свети Стефан“ вчера се одржа комеморација за жртвите на која присуствуваа премиерот и неколкумина министри на австриската влада.
„Шокиран сум од сликите со бегалците кои најчесто освен облека немаат ништо со нив. Во 1940 година една мајка со две деца можела да бега барем со два куфера. Денес бегалците немаат ништо освен нивните животи. Можам само да замислам како е да се бега од Сирија без ништо“, изјави надбискупот на Виена Кристоф Шенборн.
Вчера германскиот канцелар Ангела Меркел, најавувајќи сеопфатен план за справување со бегалската криза, оцени дека станува збор за тестирање на основните идеали на универзалните права во срцето на Европската унија.
„Ако Европа падне на прашањето на бегалците, ако оваа врска со универзалните човекови права е скршена, тогаш Европа нема да биде онаа што ја посакуваме“, рече Меркел.
Таа исто така ги критикуваше земјите кои ги одбиваат мигрантите од муслиманските земји, како на пример Словачка.