Министерот за одбрана Зоран Јолевски придружуван од американскиот амбасадорот Џес Бејли, началникот на ГШ на АРМ генерал потполковник Методија Величковски и Командантот на Здружената оперативна команда на АРМ бригаден генерал Васко Ѓурчиновски денеска на Армискиот полигон „Криволак“ ќе ја посетат билатералната воена вежба „Operation Phalanx-MACEDONIA“. На вежбата која почна на 28 август и ќе трае до 6 септември учествуваат припадници на декларираната чета на Воена полиција од составот на АРМ и припадници на Воената полиција од Армијата на САД. За време на посетата, како што соопшти Министерството за одбрана, пред гостите ќе бидат прикажани различни содржини и практични форми на воено полициска обука, како што се: работа на контролна точка, справување со толпа, борба во урбана средина, патролирање, како и основно и напредно гаѓање со автоматска пушка М4 која е во вооружување на Армијата на САД.