Нивното пристигнување доаѓа на само неколку денови пред крајниот рок што го постави унгарската влада, односно 31 август, за завршување на оградата на границата со Србија во обид да ги спречи мигрантите да влезат во земјата.
Србија и Македонија ова лето се погодени од бран мигранти кои сакаат да стигнат во Европската унија преку „западно балканската рута“ која стана најпопуларна за оние што бегаат од со војна зафатените Сирија, Ирак и Авганистан, барајќи работа или бегалски статус во Европа.
Над 100 илјади мигранти влегле во Европската унија преку Македонија и Србија од почетокот на годинава до крајот на јули. Во истиот тој период лани влегле околу 8 илјади.
Групата, главно бегалци од Сирија, влегла во Унгарија во дел од границата кој се уште не е заграден со бодликав тел. Тие биле пресретнати од унгарската полиција која ги спроведува во бегалски центри.
По првиот бран кој пристигна во Унгарија, наскоро се очекува уште еден од 10 илјади луѓе кои во текот на изминатиот викенд беа пропуштени на македонско грчката граница.
Дел од нив изјавија дека биле на македонско-грчката граница кога македонските власти ја затвориле, прогласувајќи кризна состојба поради емигрантскиот бран.
Унгарија има донесено агресивни антиемигрантски мерки во обид да го спречи бранот.
До бодликавиот тел, унгарските власти на границата со Србија подигаат ограда од четири метри.
Исто така Будимпешта планира да усвои закон за казнување на секое илегално минување на границата или прескокнување на оградата.
Веќе е издадена дозвола за распоредување специјални полициски сили со цел да ги пресретнуваат мигрантите.
По првиот бран кој пристигна во Унгарија, наскоро се очекува уште еден од 10 илјади луѓе кои во текот на изминатиот викенд беа пропуштени на македонско грчката граница.
Ваквата ситуација ги зголеми барањата за европска помош на земјите од Западен Балкан, но и за побрза и посоодветна реакција на Брисел.
Германскиот канцелар Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд во Берлин побараа заеднички одговор на Европа која се соочува со бегалска криза.
„Треба да воспоставиме единствен систем на правото за азил“, изјави Оланд кој оцени дека станува збор за вонредна ситуација која ќе трае.
Меркел, наведувајќи дека во Европската унија важи истото правило за добивање азил, додаде дека уште оваа година би требало да се отворат центри за регистрација на мигрантите.
Меркел и Оланд исто така предлагаат до крајот на годинава да бидат поставени прифатни центри во Грција и Италија каде што ќе бидат идентификувани оние што се баратели на азил и оние што се илегални имигранти.
„Мора да сфатиме дека меѓусебните обвинувања нема да ни го решат проблемот“, рече шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини која ја нагласи потребата и за справување со причините за мигрантската криза, конфликтот во Сирија и насилствата во Авганистан и Либија.