Мигрантите на дневен ред на ЕУ во октомври

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мигрантите на дневен ред на ЕУ во октомври

Кризата со мигрантите ќе биде разгледувана на состанокот на евро министрите за внатрешни и за надворешни работи што кон средината на октомври ќе се одржи во Париз. Ова е најавено во Берлин по средбата на министрите за внатрешни работи на Франција и на Германија Бернар Казнев и Томас де Мезиер.

Целта на овој состанок, по што ќе следувал уште еден во Берлин, ќе биде подготовка на европски самит во Валета на Малта во ноември.

Пред сето тоа в понеделник германскиот канцелар Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд, како што е најавено, ќе го искористеле нивниот состанок во Берлин да дискутираат како Европската унија може да ја забрза помошта во врска со кризата со бегалскиот бран откако пораснаа критиките дека Унијата не прави доволно во врска со овој проблем.

Берлин и Париз се согласни дека Европската унија мора да донесе брзи потези и подобро да соработува со цел да одговори на се поголемиот бран мигранти.

„Без оглед дали тоа е во Медитеранот, или во Грција, се случуваат драми. Балканските земји се многу тешко погодени од оние што се обидуваат да стигнат до централна Европа“, рече де Мезиер.

Ден пред тоа тој изјави дека во Германија годинава ќе имало рекордни 800.000 бегалци и баратели на азил.

Неопходно е Европската комисија да изврши многу поголем притисок врз земјите надвор од Европската унија, особено оние од Балканот кои бараат членство во Унијата да ги земат назад бегалците чии барања за азил нема да им бидат прифатени.

„Ние сакаме на европско ниво да биде јасно што Европската унија смета под безбедни земји на потекло. Земјите кои припаѓаат на оваа група се особено оние што се обидуваат да се и приклучат на Европската унија“, рече де Мезиер.

Тој и Казнев ја отфрлија можноста за откажување од Шенгенскиот безвизен режим, но се согласија дека е неопходно Европската комисија да изврши многу поголем притисок врз земјите надвор од Европската унија, особено оние од Балканот кои бараат членство во Унијата да ги земат назад бегалците чии барања за азил нема да им бидат прифатени.

Министерот де Мезиер како една од мерките со кои би се спречиле мигрантите неконтролирано да се движат во Европа го наведе формирањето „зони на чекање“ во Грција и Италија.

Запрашан за постапката на Унгарија да подигне висока ограда на границата со Србија де Мезиер вели:

„Доколку другите земји би се придржувале до законите, Унгарија немаше да ја гради оградата“.

Деновиве Меркел оцени дека е крајно разочарувачки што Германија е принудена да прифати голем број бегалци и наведе дека Унијата треба да најде заедничка политика за да се соочи со хуманитарната криза. Според неа, овој проблем ќе биде многу потежок за Европа од кризата во еврозоната.

Во меѓувреме, во Истанбул Фуад Октај кој раководи со активностите за помош на мигрантите изјави дека Европа не ја сфати големината на сириската бегалска криза и оти треба да ги отвори нејзините граници за да сноси дел од одговорноста.

Секоја недела илјадници мигранти пристигнуваат во Италија и Грција. Германија стана магнет за луѓето кои бегаат од војни, насилство и сиромаштија во Азија и Африка. Само во првата половина од годинава во Европа пристигнале скоро 220 илјади луѓе.