Имаат разбирање и им помагаат на мигрантите, но се чувствуваат незаштитени и ограбени мештаните на маалото Сланиште, во селото Табановце.
Ние сме најзагрозени од тоа што мигрантите поминуваат тука. Ни ги уништуваат нивите, дрвјата, сето она што ќе им се најде на патот. Тие не уништувуваат од ќеиф, туку дрвјата ги кршат за да се греат ноќе, житото го изгазија, градинарските култури ги обраа.Саша Анѓеловиќ претседател на Месната заедница Сланиште, Табановце.
„Ние сме најзагрозени од тоа што мигрантите поминуваат тука. Ни ги уништуваат нивите, дрвјата, сето она што ќе им се најде на патот. Тие не уништувуваат од ќеиф, туку дрвјата ги кршат за да се греат ноќе, житото го изгазија, градинарските култури ги обраа“, вели Саша Анѓеловиќ претседател на Месната заедница Сланиште, на железничката станица Табановце, каде деноноќно врват колони од мигранти од далечните земји зафатени од виорот на војната.
Во 20-ина куќи непосредно до железничкиот премин, на македонско-српската граница, живеат 50-ина жители, од кои, како што велат, безмалку сите се невработени и егзистираат од земјоделство. Тие имаат емпатија кон мигрантите,но се чувствуваат незаштитени во својот дом, во сопствената држава. Најзагрозено е семејството Тасиќ во чиј двор постојано има непознати луѓе.
Кога не нападна мигрантот тие што требаше да не спасат дојдоа лути зошто сме ги викале. Прашуваат дали има жртви. Значи јас имам 40 години, девојчето 20, требало мртви да не изнесат.Надежда Тасиќ од Табановце.
„Ниту можеме да се одмориме, ниту пак во сопствениот тоалет да отидеме од нив. На бунарот водата и струјата се трошат, врвулици пред куќа. Не сме ние тие што треба да ги згрижуваат, има кампови таму, па нека седат, а полицијата само ги препраќа, а ние имаме проблеми“, вели Бранко Тасиќ. Дур тој ни зборува, со него, со татко му и со еден од соседите,на масата во дворот со нив седи и Хасан од Сирија. Тој со бебе в раце пие кафе и сок, неговата сопруга пере неколку парчиња алишта, а шест-седум годишно момче замислено седи покрај неа. Хасан вели дека тргнале кај пријатели во Германија, оти во нивната земја се пука и паѓаат бомби.
Надежда Тасиќ, сопругата на Бранко, раскажува дека има денови или ноќи кога во дворот се собираат и по 50-ина луѓе, мажи, жени, деца. Кога ќе навјаса голема група се јавуваат на активистите на Црвен крст и на УНХЦР. Пред една седмица пак, Надежда и нејзината 20 годишна ќерка во домот доживеале голем стрес од некој агресивен мигрант од Нигерија
„Уште кога го видов ми заличе на убиец. Се исплашив уште кога го видов, без горна облека, со спуштени панталони. Повикавме доктор од Црвен крст.Од таму ни рекоа да го оставиме да седи. Тој стана агресивен, дојде до влезната врата и почна да вика и да тропа. Девојчето почна да плаче, десет пати се јавував во полиција додека да дојдат. Никој не реагираше. Кој ќе ни го плати стресот! Имам висок притисок и уште не можам да се смирам. Уште полиција од Сопот врти и на полицаецот што дојде му вика да го пушти слободно да оди. Ние треба да имаме полиција покрај куќа. Ние не сме безбедни тука. Сакаме некој да не заштитува. И огин си палат и дење и ноќе, ние сме под стрес постојано. Можат да не запалат.“
„Два кубика дрва ни изгореа за една ноќ. Пријавив во полиција, тие ми бараат доказ дека сум ги купил, а дрвата се моја сопственост. Не знам кој ќе ми ги плати.“
Ова семејство, како и останатите се повеќе се плашат, оти околу нив постојано има мигранти. Не се безбедни ниту во домовите, ниту подалеку од нив, на нива, во бавча, или пак кога треба да се движат низ селото за некоја потреба. Уште потешко ќе им биде кога ќе започнат студени ноќи, а се најавува уште поголем бран бегалци, кои за да го спасат својот живот можно е и во куќите да влегуваат. Затоа најзагрозените жители веќе размислуваат и тие да се иселат, оти како што велат, во сопствената држава и на вековното огниште веќе не се чувствуваат како свои на своето.
„Постојано тоа мислам. Останувам сама со девојчето, свекорот е 80 годишен и немаме никава заштита. Страшно е. Кога не нападна мигрантот тие што требаше да не спасат дојдоа лути зошто сме ги викале. Прашуваат дали има жртви. Значи јас имам 40 години, девојчето 20, требало мртви да не изнесат. “
За своја безбедностда се движи низ селото се плаши и момчето Марко, кое како што вели, секогаш кога ќе погледне надвор од домот гледа само колони непознати луѓе. И тој и неговата мајка ги сожалуваат мигрантите, но додаваат дека тие освен да им дадат вода, не можат друго да им помогнат.
Жителите од Сланиште се плашат дел од мигрантите да не останат тука, оти според тоа што го гледаат, никој не ја знае ниту нивната бројка, ниту здравствената состојба.