„Прашањето со азилот би можело да биде идниот голем европски проект во кој ќе покажеме дали навистина сме способни да преземеме заедничка акција“, оцени Меркел за германската телевизија.
Германија е преплавена со азиланти и, според некои проценки, годинава се очекуваат околу 600 илјади барања за азил.
Во врска со над 200 напади што биле извршени од почетокот на годинава досега врз домовите каде што се сместени барателите за азил во Германија, Меркел изјави: „Тоа е недостојно за нашата земја“.
Таа исто така како многу ложа ја оцени ситуацијата со бегалците кои се сместени во шатори и кои чекаат да добијат азил во земјата.
Прашањето со азилот би можело да биде идниот голем европски проект во кој ќе покажеме дали навистина сме способни да преземеме заедничка акција.Ангела Меркел, канцелар на Германија.
Меркел повика Европската унија да направи список на безбедни земји каде што нивните граѓани не се под закана на насилство или на прогон.
Во минатата недела германскиот министер за внатрешни работи изјави дека е неприфатливо тоа што 40 насто од барателите за азил во неговата земја биле од Балканот, наведувајќи дека тоа е „срамно за Европа“.
Околу половината од 300 илјади апликации за азил во Германија доставени од почетокот на годинава досега доаѓаат од балканските земји.
Берлин бара начини да ги одврати ваквите обиди со цел подобро и побрзо да се постапува со луѓето од кризните земји како Сирија, Ирак и Авганистан.
Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци неодамна соопшти дека бројот на луѓето кои ги напуштиле нивните домови поради воен конфликт или криза достигна над 50 милиони.
Тоа е за прв пат од времето на Втората светска војна. Најпогодена е Сирија од која луѓето бегаат поради неизвесноста за нивната судбина.
Тоа, како што наведуваат хуманитарните организации, безочно го искористуваат групите за шверц на луѓе. За да се стигнат до некој европски остров бегалците од Сирија им плаќаат голема сума пари.
На грчкиот остров Лезбос на Егејското море кое е едно од најфреквентните на патот на мигрантите скоро секојдневно доаѓаат по над илјада бегалци.
Тие велат нивниот пат бил организиран од групи кои за тоа има барале над илјада евра.
Повеќето од нив ги фрлаат документите со кои минале низ Турција.
На патот до побогатите земји во Европската унија, како Германија, тие, најчесто преку Македонија и Србија сакаат да стигнат до Унгарија каде што скоро секој ден пристигаат по 1500 мигранти и кои се надеваат на слободно движење низ земјите од Шенген зоната.
За да се заштити од ваквиот бран, Унгарија почна да гради ограда на границата со Србија чија прва фаза од 70 километри заврши во минатата недела.
За повеќето бегалци ова е последен обид да се дојде до Унгарија пред таа да ја комплетира граничната ограда и да останат заробени во земјите кои не се членки на Европската унија како Србија и Македонија.