Работната група од понеделник за изборното законодавство

Тема на дневниот ред од понеделник се избирачкиот список и изборниот законик, а ќе се почне со поинтензивни разговори за останатите законски решенија кои треба да бидат постигнати согласно договорот. Во опозиционата СДСМ во меѓувреме, се работело и врз кадровските решенија за преодната влада која ќе треба да ги спроведе изборите во aприл 2016.

По двонеделната пауза, работнатa групa составена од претставници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА ќе продолжи со состаноците за спроведување на договорот од Пржино од понеделник. Изборите се договорени за во април, а дотогаш треба да се решат многу барања содржани во извештајот на експертот Прибе.

Остануваме посветени во имплементирање на договорот и очекуваме дека без оглед дали постои или не постои волја или желба за исполнување или волја и желба за неисполнување на договорените обврски, дека тој договор ќе биде исполнет во целост.
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

Од СДСМ изразуваат оптимизам околу епилогот на договорот, иако се сомневаат дека ВМРО-ДПМНЕ има волја да создаде вистинска атмосфера за реализирање на договорот од Пржино.

„Остануваме посветени во имплементирање на договорот и очекуваме дека без оглед дали постои или не постои волја или желба за исполнување или волја и желба за неисполнување на договорените обврски, дека тој договор ќе биде исполнет во целост“, изјави портпаролот Петре Шилегов.

Мислам дека врз сите вклучени страни постои силен и внатрешен и надворешен притисок да постигнат согласност. Во врска со специјалниот јавен обвинител прашањето е колку од постоечката законска рамка може да биде употребена, а колку не може и дали ќе се оди на барање на можни кандидати за јавен обвинител и надвор од Македонија.
Сашо Клековски, аналитичар.

Тема на дневниот ред од понеделник се избирачкиот список и изборниот законик, а ќе се почне со поинтензивни разговори за останатите законски решенија кои треба да бидат постигнати согласно договорот.

Во фокусот е законското решение за специјален јавен обвинител и начинот на кој тој ќе биде избран.

Деновиве лидерот на СДСМ Зоран Заев најави дека на 1 септември пратениците од оваа партија ќе го прекинат бојкотот и ќе се вратат во Парламентот каде треба да го усвојат законот за специјален јавен обвинител врз основа на кој тој ќе биде избран.

Треба да се утврди и процедурата како партиите ќе ги предлагаат кандидатите кои сметаат дека се соодветни за тоа место, а потоа, најдоцна на 15 септември, во Собранието да се избере специјалниот обвинител.

Аналитичарот Сашо Клековски вели дека најкритично прашање од договорот е именувањето на јавен обвинител, но дополнува дека и странците се сериозно заинтересирани за исполнување на договорот.

„Мислам дека врз сите вклучени страни постои силен и внатрешен и надворешен притисок да постигнат согласност. Во врска со специјалниот јавен обвинител прашањето е колку од постоечката законска рамка може да биде употребена, а колку не може и дали ќе се оди на барање на можни кандидати за јавен обвинител и надвор од Македонија“, вели тој.

Од ДУИ соопштија дека очекуваат до крајот на август политичките партии да постигнат договор околу прашањето за специјален јавен обвинител и потоа со консензус да биде усвоен во Собранието.

Изминатиот викенд премиерот Груевски изрази оптимизам за договорот и рече дека ако и другата страна е конструктивна, како и тие, работите ќе се завршат на време.

Работната група што ќе продолжи да заседава од понеделник покрај на изборот на специјален јавен обвинител треба да се фокусира и на прочистување на избирачкиот список, измени на изборната регулатива во делот на функционирањето на ДИК и медиумскиот сектор, особено во делот на националниот јавен сервис.

Паралелно со преговорите за реализација на договореното во Пржино во СДСМ се работи и на кадровски решенија што партијата треба да ги делегира во преодната влада што треба да работи на подготовка и организација на изборите во април наредната година.

Работната група беше на одмор од 1 до 17 август. Од СДСМ рекоа дека паузата не била нивни избор и дека одморот бил претходно договорен.