Жештините не ја поматија предизборната кампања

Праќањето на Каргов во дипломати, тепачката на Плоштад, состојбата со мигрантите, предизборната кампања која ја тераат политичарите се само дел од топ темите во весниците.

Не еднаш се рекло, Македонија и сè е можно. Луѓе условно казнети со затвор ќе бидат дипломатски претставници на земјава. Во некои медиуми се објавија реакции на правни експерти и - толку. Слободен печат информира: „Каргов е условно казнет, ама власта го награди со Женева“.

Блискиот Исток се сели на Балканот и во Европа - Нови 909 мигранти влегоа во Македонија.
Вечер.

Слободен печат продолжува да ги следи дејанијата на власта: „Луѓе блиски на Миле Јанакиевски стојат зад фирмата што ќе гради мини централа кај Равна река“, насловува весникот. Државата си тера по старо, односно си молчи и за други работи: по претепувањето на трите момчиња од албанска националност на плоштадот „Македонија“ во Скопје, по фудбалскиот натпревар меѓу Вардар и Шкупи, Утрински излезе со наслов: „Државата молчи пред хулиганските испади. Медиумите јавија дека сторители се припадници на навивачката група „Комити“, но навивачката група со соопштение негира дека тие се вмешани“.

Вечер го следи проблемот со мигрантите: „Блискиот Исток се сели на Балканот и во Европа - Нови 909 мигранти влегоа во Македонија“ - пишува весникот, кој исто така наведува дека врз Македонија и Србија се вршел константен притисок за изградба на кампови за сместување на овие луѓе. Инаку, „Германија се спрема да ни врати 6.500 азиланти“, насловува истиот весник.

Од 1 септември СДСМ се враќа во Парламентот“ и го цитира Заев дека мора да се почитува договорот од Пржино.
Утрински весник.

Што се однесува до политичкиот живот, високите температури не го спречуваат премиерот да си тера предизборна кампања . А сега, „И Заев тргна во кампања, ја посети општината Маврово-Ростуше. Посетата на Заев доаѓа во услови кога Груевски беше критикуван дека со посета на повеќе општини веќе ја почнал предизборната кампања“, пишува Утрински. Истиот весник информира дека „Од 1 септември СДСМ се враќа во Парламентот“ и го цитира Заев дека мора да се почитува договорот од Пржино.

Нова Македонија забележува дека државава функционира според партиски договори, а не според Уставот и законите: „Охридски, пржински, кој е следниот?“, прашува весникот.

Вечер продолжува со „Досието Соросоиди“ - дознал дека „Сорос со ново движење самостојно ќе оди на избори?“ И како за крај во летниве горештини, еден наслов во Слободен печат под фотографија на новата фонтана на Плоштадот во главниот град со дечиња кои се шлапкаат во водата: „Скопје се бања, половина Македонија без вода за пиење“, насловува весникот.