Од Аквапура во Отешево остана руина

Руинираниот хотел Европа во Отешево на Преспанското Езеро.

По девет години од најавите за инвестиции од 50 милиони евра во хотел, вили – резиденции, спа и скијачки центри, не се стави ни темел.

Наместо елитно место за богаташи, бизнисмени и познати актери, имотот на португалската компанија „Аквапура“ во Отешево стана руина. По девет години од најавите за инвестиции од 50 милиони евра во хотел, вили – резиденции, спа и скијачки центри, не се стави ни темел. Местото е оставено на забот на времето. Бујната вегетација ги голта преубавите патеки за пешачење и спортските терени за голф и кошарка.

Отешево доаѓаа луѓе од Белград од каде не, за сега онака да го направат, тоа е резил. Туристи дури од Америка доаѓаа. Да ти е милина беше Отешево. Одевме на плажа, музика секоја вечер имаше. А сега вака жалосно да изгледа, тоа е за осуда.
Милан Тасевски, жител на Волкодери.

Најкатастрофална е сликата со хотелот „Европа“ кој остана нерасчистен по големиот пожар пред десет години. Искршено стакло, расфрлен стар мебел, распадната рецепција, измет и кабли на сите страни. Сепак, градбата е доволно цврста и ги зачувала собите, денес празни, но со волшебен поглед кон езерото. Жителите од соседното село Волкодери коментираат дека дсега никој не одговарал за ваквото злодело што ѝ се нанело на најубавата туристичка населба во Отешево.

Руинираниот хотел Европа во Отешево на Преспанското Езеро.

„Јас војска одев, тогаш се градеше населбата. Ја градеа со коњи, камиони немаше. Отешево доаѓаа луѓе од Белград од каде не, за сега онака да го направат, тоа е резил. Туристи дури од Америка доаѓаа. Да ти е милина беше Отешево. Одевме на плажа, музика секоја вечер имаше. А сега вака жалосно да изгледа, тоа е за осуда“, вели Милан Тасевски од Волкодери.

Имаше ресторан со голема тераса ја срушија. Четири вили и нив ги срушија. Ништо не изградија.
Ристе Павловски, жител на Волкодери.

„Хотелот така да пропаѓа. Имаше ресторан со голема тераса ја срушија. Четири вили и нив ги срушија. Ништо не изградија. Местото туристички пропаѓа, имаше пред пет години една продавница, но сега од Отешево до Подмочани нема ни еден колонијал“, вели неговиот сосед Ристе Павловски.

Туристичката населба беше продадена за евро од метар квадратен во 2006 година непосредно пред парламентарните избори, на португалската компанија „Аквапура“. Потоа од фирмата се жалеа дека државата ги кочи во изградбата, а таа дека не доставиле потребна документација. Случајот заврши на суд, каде од 400 илјади квадратни метри им беа одземени 100 илјади во комплексот Царина, зашто за местото не постоел урбанистички план.

Во Преспа денес нема претставник на фирмата, а од општината велат дека ова е комплицирана тема која треба да се истражува долго време од поранешни министри, директори, стечајни управници и други лица.