Поплави и панорамско тркало

Република пишува за поплавите во тетовско, Фокус прави преглед на настаните на политичката сцена во државата, а Глобус за наметнувањето сила со закони и закони со сила.

Тема на неделата во Република се поројните поплави во тетовско и трагедијата на Шипковица. „Човекот е најголемиот негативен фактор за тоа што ни се случува“ констатира неделникот кој тврди дека она што се случи со Шипковица и околните села во значителна мера се должи на неконтролираното сечење на шумите на Шар Планина.

Опозициските медиумски полтрони го критикуваат присуството на Груевски во поплавените подрачја и го плукаат буквално секој потег на власта со кој се обезбедува помош за настраданите, без разлика дали е издржана или не. или не.
Република.

Република - нелуѓе ја презираат хуманоста

Случувањата во тетовските планински села исто така се повод Република во Воведот остро да ја нападне опозицијата дека само „нелуѓе ја презираат хуманоста“. Па ги напаѓа, како што пишува, „опозициските медиумски полтрони“ кои го критикувале присуството на Груевски во поплавените подрачја и го плукале буквално секој потег на власта со кој се обезбедува помош за настраданите, „без разлика дали е издржана или не“, како што пишува. Уводничарот остро го напаѓа и лидерот на СДСМ, Заев, за непојавувањето на местото на трагедијата за разлика од премиерот и за разлика од неговиот престој во кумановско Диво насеље. „Можеби лидерот на опозицијата под ʼгрижа за граѓанитеʻ подразбира само сликање „селфи“ и кревање два прста во заднина на албанското знаме?“, прашува Република.

Фокус - Фалат уште пигвини и кенгури

Во уводникот на Фокус, авторката прави преглед на настаните на политичката сцена во државава, наведувајќи, покрај другото, дека од следниот септември па до мај ќе следува финалниот „окршај“, кој ќе разјасни кој ќе биде новиот станар во преслечените барокни „коцки“ на Илинденска, а кој ќе се всели во Идризово небарокно, како што пишува.

Ако удрија ретуш на историјата, ако го променија генетскиот код во антички, ако удрија пластична барокна операција на архитектурата, ако се вмешаа и во флората, та насадија палми, оти да ја остават нечепната и фауната. Пингвини, а богами може и кенгури да донесат.
Фокус.

Фокус се осврнува и на почетокот на градењето на Панорамското тркало во кое „ќе бидат вградени 18 милиони евра материјал“, па на градоначалникот Коце Трајановски му препорачува, покрај грандиозните лаѓи, жалните врби, веселите палми, панаѓурскиот карусел, да увезе и пингвини да шетаат по вардарските „плажи“. „Ако удрија ретуш на историјата, ако го променија генетскиот код во антички, ако удрија пластична барокна операција на архитектурата, ако се вмешаа и во флората, та насадија палми, оти да ја остават нечепната и фауната. Пингвини, а богами може и кенгури да донесат“, подбивно и цинично завршува Фокус.

Глобус - дпмнеовскиот правен систем плукни-залепи

За „дпмнеовскиот правен систем плукни-залепи“ пишува авторот на колумната Таленти во Глобус. Односно, за популистичкото укинување на веќе донесените закони или за наметнувањето сила со закони и закони со сила, а потоа нивно бришење што станало типично за власта на Груевски и неговата тајфа. Овој правен систем плукни-залепи, констатира Глобус, ја разнебити државата, ја врати далеку, далеку назад. Светлосни години е далеку 2006-та кога Македонија беше на раб да направи решавачки исчекор кон ЕУ. Македонија правно и економски е до темел разурната, вратена на почетокот на 90-тите, и како и по осамостојувањето, треба да почне да се гради одново. Поинаку - порачува колумнистот во Глобус.