Земјоделец на 81 година ора ниви и чита книги

Драган Велевски од битолското село Лера е еден од најстарите и најредовни читатели во битолската универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.

Дедо Драган Велевски од битолското село Лера на 81 година уште ги ора нивите и чита книги. Тој е еден од најстарите, а најредовни читатели во битолската универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Установата годинава наврши седумдесет години постоење, а дедо Драган половина век како нејзин член.

Многу одамна почнав да читам и до денес сум редовен член во библиотеката. Првпат дојдов во библиотеката кога имав 30 години, а денес сум осумдесеттина, значи педесет години сум нејзин член.
Драган Велевски од битолско.

„Многу одамна почнав да читам и до денес сум редовен член во библиотеката. Првпат дојдов во библиотеката кога имав 30 години, а денес сум осумдесеттина, значи педесет години сум нејзин член. Моите први книги беа „Робинзон Крусо“, „Гроф Монте Кристо“, „Децата на капетанот Гранд“. Има многу не можам да се сетам на сите. Од секогаш имав глад за читање. Досега сум прочитал илјадници книги“, вели Велевски.

Тој со сигурност е еден од најначитаните земјоделци во битолско и пошироко. Овој дедо со хоби необично за еден земјоделец се присетува дека детството го минал во воено време, па немал многу можности за читање. По ослободувањето научил да чита и пишува. Но, во младоста морал да работи за да го прехрани семејството, па не му останувало многу време за книга. На триесетина години кога обезбедил сигурна егзистенција, одлучил да го прошири својот светоглед.

„Одев на пазар во Битола. Откако ќе ги продадев производите, одев во библиотека по книга. Во слободното време кога ќе дојдев дома од нива, наместо да се одморев ја земав книгата в раце. И сега имам уште три книги дома за читање. Најмногу читам белетристика, да не ми се испуштаат од раце такви ги барам“, додава Велевски.

Книгата му ја менува и мислата по смртта на сопругата. Тој денес има внуци и правници. Вели би бил пресреќен доколку и тие стекнат навика да читаат книги како него.

„Многу малку филмови гледам, многу повеќе читам. Во моето семејство гледаат телевизија, а јас само со книгата во раце. Имам внуци и правнуци, но послабо читаат.“

Драган Велевски е само еден од седумте илјади читатели во битолската библиотека во денешно време. Во изминатите седум децении библиотеката ја посетиле над 4,5 милиони читатели.