Нарушена довербата меѓу полицијата и граѓаните по настаните во Куманово

За настаните од 9-ти и 10-ти мај годинава официјални информации нема, меѓутоа нарушена е довербата помеѓу граѓаните и полицијата, која треба да се поврати, смета Виолета Богдановска, началник на Секторот за превенција при СВР Куманово.

Намалување на криминалитетот, сообраќајниот метеж, зачувување на јавниот ред и мир, присуство на соседски патроли и други активности за подобра безбедност на граѓаните на Куманово се заложбите на Советот за превенција. За настаните од 9-ти и 10-ти мај годинава официјални информации нема, меѓутоа нарушена е довербата помеѓу граѓаните и полицијата, која треба да се поврати, смета Виолета Богдановска, началник на Секторот за превенција при СВР Куманово.

Сите ние треба да работиме за таа заедница, без оглед на нашата политичка, верска и било која друга различност. Во основа сите треба да се грижиме за безбедноста на заедницата.
Виолета Богдановска, началник на Секторот за превенција при СВР Куманово.

„Што да направиме да не се случат такви настани во иднина, како да се поврати довербата на граѓаните во институцијата. Сите ние треба да работиме за таа заедница, без оглед на нашата политичка, верска и било која друга различност. Во основа сите треба да се грижиме за безбедноста на заедницата“, вели таа.

Виолета Богдановска, началник на Секторот за превенција при СВР Куманово и Командирот од општа надлежност, Антон Витковски.

Богдановска додава дека во летниот период се зголемува бројот на кражби, измами, нарушувања на безбедноста во сообраќајот и на јавниот ред и мир.

„Особено во сите овие појави се присутни и малолетни лица. Она што Законот за права на децата вели дека сите се деца до 18 години, сите ние треба да се грижиме за сите, но најважни се децата. Надлежност за ова е и на полицијата, но и на останатите институции“, вели таа.

Командирот од општа надлежност, Антон Витковски, информира дека кривични дела по службена должност се 680, што е за 120 помалку во однос на минатата година во истиот период. За жал, бројот на сообраќајни несреќи со човечки жртви е зголемен во однос на минатогодишното шестмесечие.

„Како проблем морам да кажам во летниот период се зголемува нарушување на јавниот ред и мир со гласна музика од угостителските објекти, за што имаме поплаки од граѓани и конзумирање алкохол од деца на јавни места. Во угостителските објекти по полноќ не им е дозволено, но децата се собираат на улица, конзумираат алкохол, а потоа има викање. Апелираме до граѓаните децата да не се на улица, туку да се прибираат дома“, вели тој.

Витковски рече дека граѓаните треба да бидат претпазливи од крадци кои одземаат накит, главно од жени, чанти, но има и измамници кои фиктивно продаваат огревни дрва на стари луѓе.

Градоначалникот Зоран Дамјановски побара официјална информација за случувањата на 9-ти и 10 мај, а за сообраќајниот метеж рече дека улиците се проектирани за шест до седум илјади возила, таа бројка сега изнесува 35 илјади. И покрај тоа што локалната самоуправа има правено сообраќајни проекти, тешко може да се одржува сообраќајната култура.

„Да бидеме искрени, шест пати е зголемен потенцијалот на возила од она што е предвидено во изминатиот период“, рече тој.

Советот за превенција ги повикува сите граѓани и институции активно да учествуваат во подобрување на безбедноста, а проектите што се спроведуваат се во соработка со локалната самоуправа, со ОБСЕ и невладините организации, кои често и финансиски ги поддржуваат.