Меѓународната кризна група препорачува итен меѓупартиски договор за формирање преодна влада што треба да подготви кредибилни избори во април догодина и заедничка македонско-косовска истрага, со помош на меѓународната заедница, за судирите во Куманово.
Ако итно не се разреши двојната криза(легитимитет на владата/регионална безбедност), постои ризик дека може да се прошири во насилни судири, во најлош случај со елементи на за малку избегнатиот конфликт од 2011 година. Дискредитираните државни институции не можат сами да се справат со ситуацијата.
Меѓународната невладина организација, во нивната анализа со наслов „Деактивирање на бомбите“ објавена денеска, пишува дека во моментов Македонија се опоравува од два шока. Едниот е скандалот со објавувањето на прислушуваните разговори кои откриваат дека државниот апарат е заробен и корумпиран од страна на владејачката партија. Другиот е вооружениот судир меѓу полицијата и вооружена група Албанци, најголемиот дел од Косово, во етнички мешаното Куманово, во кој имаше најголема загуба на човечки животи во регионот во последната деценија.
ЕУ мора да изврши притисок за сеопфатен договор кој ќе ги земе предвид заробувањето на државата и наводната корупција, вклучувајќи и независна истрага и мониторинг со меѓународна помош. Македонија и Косово, исто така со помош, треба заеднички да ги истражат настаните во Куманово.
„Ако итно не се разреши двојната криза(легитимитет на владата/регионална безбедност), постои ризик дека може да се прошири во насилни судири, во најлош случај со елементи на за малку избегнатиот конфликт од 2001 година. Дискредитираните државни институции не можат сами да се справат со ситуацијата“, се наведува во анализата.
МКГ посочува дека опозицијата се откажа од разговорите под посредство на ЕУ за договор за реформи и предвремени избори и оти преговорите се во ќор-сокак главно околу тоа дали премиерот, кој е на власт од 2006 година, мора да поднесе оставка и за времето потребно преодната влада да го подготви услови за рамноправен натпревар.
„ЕУ мора да изврши притисок за сеопфатен договор кој ќе ги земе предвид заробувањето на државата и наводната корупција, вклучувајќи и независна истрага и мониторинг со меѓународна помош. Македонија и Косово, исто така со помош, треба заеднички да ги истражат настаните во Куманово“, се вели во извештајот.
ЕУ, која има директен удел во регионалната стабилност и одговорност да ѝ помогне на државата на која и даде кандидатски статус, треба да ги удвои напорите да ги убеди македонските лидери да ја вратат довербата во владата, наведува организацијата и предлага постигнување меѓупартиски договор од неколку точки:
- Формирање привремена Влада преку нормална собраниска процедура, со соодветно членство на сите главни партии, чија главна задача ќе биде да ги спроведе реформите неопходни за кредибилни избори до април 2016, (две години порано од редовниот термин) особено оние поврзани со избирачките списоци, рамноправниот пристап до медиуми и злоупотреба на функциите за партиски цели.
-Донесување закон за формирање две независни комисии(А и Б), двете со овластување да побараат и добијат активна експертска помош од ЕУ, САД и други организации. Мандатот на А треба да биде да помогне и да ги набљудува напорите на преодната влада за подготовка на кредибилни предвремени избори. Мандатот на Б би требало да биде за прислушувањето, вклучително и истрага за криминалите и корупцијата што можеби се открива со објавените разговори.
- Да се прифати дека преодната влада ќе биде на власт и нема да има предвремени избори сè додека комисијата А не утврди дека се спроведени реформите и
-Да работат на подобрување на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор со тоа што ќе обезбедат правична застапеност на Албанците во сите нивоа на власта, правични државни инвестиции во областите каде што мнозинство се Албанците и да се почитува еднаквоста на јазиците.
Со меѓупартискиот договор, македонските лидери треба да се заложат и за:
-Заедничка македонско-косовска истрага за инцидентот во Куманово со експертска помош од агенции од ЕУ и САД, со цел да се подобри безбедносната ситуација и да се спречат идни напади.
-Да се подобрат билатералните односи со Косово, на пример преку одржување заеднички владини седници и соработка за контрола на границата, наведува Меѓународната кризна група.
Во анализата се наведува дека политичката криза која започна со скандалот за прислушувањето укажува на тоа дека Македонија не е толку демократска и дека на земјата и е потребна транзиција кон демократија.
Политичките партии во земјата, често одаваат впечаток дека имаат помалку проблеми со заробеноста на државата, отколку со тоа дека имаат корист од ситуацијата.
Денеска само дел од етничките Албанци се подготвени да земат оружје в рака, но политичките цели, за кои се чини дека биле дел од мотивите барем на некои од борците во Куманово, ги делат Албанците, кои се разочарани од спроведувањето на Охридскиот договор, заклучува организацијата.
„На двата фронта, државата е сериозно подложна на дополнителни притисоци, од една страна објавувањето на уште некој прислушуван разговор, од друга страна етничкото насилство. Итно се потребни превентивни мерки, односно политички реформи кои ќе имаат многу подлабоко влијание од тоа што ќе го донесат предвремените избори и новата влада“, се наведува во извештајот.
МКГ наведува дека Македонија порано беше речиси лидер во Западен Балкан, кога ја започна програмата за реформи инспирирани од Унијата. Таа репутација сега заслужено се тетерави.
„Ова е главниот проблем за политиката на ЕУ: Македонија има развиено имунитет на лекови кои таа ги пропишува. Владата во Скопје знае како формално да го спроведе тоа што се бара и како да направи да се гледаат помалку разлики. И домашни и меѓународни претставници се согласуваат дека не е предизвик да се донесат нови закони, туку искрено да се искористат механизмите и алатките воспоставени со договорот во Охрид и напорите на Македонија да се квалификува за кандидатка за ЕУ. Двата предизвици, скандалот со прислушувањето и крвопролевањето во Куманово, бараат построги мерки од оние кои досега се спроведуваа. Како што велат набљудувачите „Македонија веќе не може да го става дефицитот на демократија под тепих, оти тепих нема“. Тоа можеби ќе бара повеќе обиди и грешки за да се развие поефикасна терапија, но третманот е опасно задоцнет и не постојат реални шанси дека тоа може да се заврши со успех“, се наведува во анализата.
Организацијата посочува дека поддршката од ЕУ е помала, отколку што се чинеше некогаш, поради многу причини. Членството е прилично далечна перспектива, но Брисел сè уште има повеќе моќ од кој било друг пријател. САД и останатите треба да се подготвени да ја дадат својата поддршка, исто така.
„Потребно е итно спасување на политичкиот договор меѓу партиите на кој работи и ЕУ, но тоа треба да се обезбеди преку повеќе креативна работа и нападна соработка со националните власти, одошто како досега во следење на она што навистина се случува со ветените реформи. Поучен од искуството, Брисел треба да се воздржи од какви било гаранции за сè, додека не се обезбеди солидна потврда донесена од сите страни и со широки консултации, вклучително и со опозицијата и со граѓанското општество. Ништо помалку од тоа ќе значи уште една трагедија на Западен Балкан“, заклучува Меѓународната кризна група.